Владата ги отфрли сите наводи од предлогот за покренување на прашањето за доверба на Пленковиќ како неосновани и посочи дека нема основа за гласање недоверба на премиерот / Photo: Reuters

Владата на Република Хрватска на телефонска седница го отфрли предлогот на парламентарната опозиција за недоверба на премиерот Андреј Пленковиќ.

Социјалдемократската партија (СДП), најголемата опозициска партија во Собранието, претходно денеска поднесе барање за импичмент на премиерот Пленковиќ и на Владата, во врска со корупцискиот скандал во здравството и разрешениот министер за здравство Вили Берош.

Берош беше уапсен минатата недела, а Државното обвинителство (ДОРХ) и Европската обвинителска канцеларија (ЕППО) го сомничат за измама при јавна набавка на медицинска опрема.

Во барањето за изгласување недоверба на Пленковиќ и на Владата, напишано на 17 страници, СДП ги наведе причините поради кои бараат импичмент. Документот го потпишале 31 пратеник во Парламентот, јавуваат хрватските медиуми.

Владата во своето соопштение ги отфрли сите наводи од предлогот за покренување на прашањето за доверба на Пленковиќ „како неосновани“ и посочи дека „нема основа за гласање недоверба на премиерот“.

Во соопштението на Владата се нагласува дека Владата на премиерот Пленковиќ „никогаш нема ниту ќе ги заштити лицата осомничени за сторени кривични дела од кривично гонење“ и се додава дека тоа е видливо и од постапките што се воделе пред судските органи за време на мандатите на оваа Влада.

TRT Balkan / агенции
Популарни