Хрватска од 1 јануари 2023 година ќе стане дел од Шенген зоната. Министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската унија во Брисел донесоа едногласна одлука дека Хрватска треба да биде дел од Шенген, за разлика од Бугарија и Романија кои не добија целосна поддршка.
Копнените граници кон соседните земји членки на ЕУ, Хрватска ќе ги укине од 1 јануари, додека поради периодот неопходен за приспособување, на аеродромите ќе биде спроведено од 26 март. Во Шенген зоната е овозможено слободно движење на повеќе од 400 милиони луѓе. Во продолжение следат пет факти што треба да ги знаете за влегувањето на Хрватска во Шенген.
Укинување на 73 гранични премини
Со влезот на Хрватска во Шенген и во оваа земја се спроведува коридор за непречено движење. Ова го потврди еден од првите луѓе граничната полиција на Хрватска Никола Милина. Според Милина, ќе се укинат 73 гранични премини.
„Нема да има контроли како до сега кон Унгарија и Словенија. Се укинуваат 73 гранични премини. Отсега ја преземаме контролата на шенгенскиот простор за цела Европска унија, а не како што беше случај претходно, надворешната граница на ЕУ”, рече Милина.
Според него, секоја држава има право на повремени контроли во рамки на Шенген зоната.
„Повремените контроли се компензациски мерки кои и ние ќе ги правиме во внатрешниот дел на територијата кога ќе сметаме дека има потреба” вели Милина.
Влез во Шенген 10 години по членството
Откако стана членка на Европската унија на 1 јули 2013 година, Хрватска имаше една од најтешките задачи, која се состоеше во следење на најдолгата надворешна копнена граница на Европската унија. Оваа работа дополнително се искомпликува со почетокот на големиот мигрантски бран во 2015 година.
Хрватска поднесе барање за влез во Шенген зоната во 2016 година, една година откако започна големиот мигрантски бран од исток и беше воспоставена балканската мигрантска рута. Задачата за следење на државната граница, која воедно е граница на ЕУ не беше лесна. Копнените граници на Хрватска со Босна и Херцеговина, Црна Гора и Србија се повеќе од 1.300 километри од кои 1.011 километри се само со Босна и Херцеговина.
И по влегувањето во Шенген, остануваат бројни предизвици, особено ако се земе предвид најновиот, постпандемиски притисок на миграциите од Исток кон земјите од Западна Европа. Бројот на нерегуларните мигранти на т.н на балканската рута во 2022 година, во однос на годината пред тоа, е значително зголемен.
Полесно патување
Од друга страна, влезот на Хрватска во Шенген зоната ќе значи побрзо и поедноставно патување за милиони луѓе од ЕУ кои ќе ја посетат оваа земја. Граничните премини на Хрватска со соседните членки на ЕУ ќе бидат укинати. Поради тоа, нема да има долги редици на што бевме сведоци особено во летниот период.
Нема да се променат процедурите за Западен Балкан
Кога станува збор за граѓаните на земјите од Западен Балкан кои патуваат без визи во ЕУ и влегуваат во ЕУ преку хрватските гранични премини, според официјалните претставници, процедурите нема многу да се променат. Со оглед на фактот дека Хрватска одредено време ги применува шенгенските правила на граничните премини.
Хрватска е 27 земја во Шенген зоната
Шенгенскиот договор, е потпишан во 1985 година во Шенген (Луксембург), а стапи на сила од 1995 година и опфаќа територии на 26 европски земји. Во многу аспекти, оваа област функционира како територија на една држава, со традиционални контроли за оние кои влегуваат и излегуваат од областа, но без контроли на внатрешните граници.
На Шенгенскиот договор се приклучија и четири земји кои не се дел од Европската унија: Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн. А земји со отворени граници кон Шенген зоната се Монако, Сан Марино и Ватикан. Шенген зоната вклучува население од повеќе од 400 милиони луѓе.