Во ковачницата за пари во Света Недела, во близина на Загреб, главниот град на Хрватска, свечено е одбележан почетокот на производство на хрватските еврокованици.
Откако минатата недела Советот на Европската унија донесе формална одлука за влез на Хрватска во еврозоната од 1. Јануари 2023 година, производството на хрватските еврокованици е почеток на клучната активност за реализација на воведувањето на еврото и замена на готовите пари.
За време на посетатата на ковачницата за пари, претседателот на Владата на Хрватска Андреј Пленковиќ изјави дека почетокот на производството на еврокованиците е една од низата логистички активности потребни да се преземат во пресрет на официјалното пристапување на Хрватска во Еврозоната, које ќе се реализира на почетокот на 2023 година.
„Сметаме дека целиот процес на воведување на еврото во изминатите пет години го водевме системски со јасна политичка цел на подлабока интеграција“, порача Пленковиќ и додаде:
„Хрватската ковачница е основана во 1993 година и беше еден од поважните столбови на изградба на националниот идентитет. Денес, речиси 30 години од основањето, хрватската ковачница ќе кова хрватски еврокованици и на тој начин, со промоција на хрватските симболи во целата Европа, ќе учествува во историски процес во кој Хрватска влегува во клубот на најразвиените држави членки на ЕУ, во корист на нашите граѓани и стопанството.“
Гувернерот на Хрватската народна банка (ХНБ) Борис Вујчиќ најави дека ковачницата на пари ќе продолжи да работи во три смени за да до крај на оваа година има 420 милиони хрватски еврокованици.
Планот е на пазарот да се пуштат околу 3.700 тони кованици, со 350 милиони банкноти во евра, што би требало да ги задоволи потребите за готовина и замена на куната.
„Воведувањето на еврото, со сите свои аспекти е голем и логистички потфат со чие успешно спроведување се обезбедува задоволување на готови пари во евра и непречено одвивање на платниот промет во земјата. Замената на готовите пари е многу важен настан за секоја држава и нејзиниот монетарен систем. Ова е еден од моментално логистички најсложените проекти во Хрватска“, изјави Вујчиќ.
Подлогата на сите кованици на хрватското евро е шаховница, на кованицата од два евра се наоѓа картата на Хрватска, а на едно евро е хрватската куна, на 50,20 и 10 евроценти се наоѓа научникот Никола Тесла, а на 5,2 и 1 цент се буквите „HR”, додека на 2 евра е натписот: „O lijepa, o draga, o slatka slobodo” (О убава, о драга, о слатка слободо).