Според ОЈО, во Панче и Вања пукал првоосомничениот Палевски, со пиштол со калибар 9 милиметри

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против Влатко Кешишов, Велибор Манев и Боре Видевски и Александар Ѓорчевски во врска со убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Против Љупчо Палевски Палчо, кој е првоосомничен за убиствата, нема обвинение бидејќи истрагата се уште трае.

Јавниот обвинител до Кривичниот суд достави и предлог за продолжување на мерката притвор за соизвршителите на убиствата Кешишов, Манев и Видевски, како и мерка куќен притвор за нивниот помагач, таткото на Вања, Александар.

Тројцата се товарат за кривични дела убиство и грабнување, додека Ѓорчевски се товари за кривично дело помагање при грабнување

Според обвинението, тројцата обвинети заедно со осомничениот Палевски испланирале грабнување на Вања за да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп.

„На 22.11.2023 заеднички извршиле грабнување на оштетениот Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде сопственото возило “Цитроен” за да го користат за грабнување на детето во Скопје. Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано “Рудник” во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје- пиштол со калибар 9 милиметри“, пишува во обвинителниот акт.

Понатаму во обвинението е наведено дека на 27.11.2023, обвинетите и Палевски, помогнати од Ѓорчевски, го грабнале девојчето во влезот од зграда на улицата “Наум Наумовски Борче” во Скопје.

„Откако претходно обвинетиот татко на оштетеното дете, преку првоосомничениот дал упатства за времето кога девојчето ќе излезе само за да оди на училиште, тројцата сега обвинети дошле пред влезот на зградата каде живее оштетеното дете. Со штрафцигер ја отвориле вратата од влезот на зградата, па кога жртвата излегла од лифтот, ја фатиле, ја совладале и ја врзале, заканувајќи и се да не вика затоа што ќе пукаат. Ја ставиле во вреќа за спиење со подотворен патент и со автомобил ја однеле во близина на местото викано “Дупки”, во атарот на селото Бразда“, велат од ОЈО.

Според обвинението таму на свиреп начин, со умисла ја убиле Вања, така што Палевски ја застрелал со пиштол со калибар 9 милиметри, а обвинетите го закопале телото во претходно ископана дупка.

Потоа на нива покрај земјен пат, во атарот на Бразда, го запалиле автомобилот “Цитроен”, за што употребиле бензин во туба што го набавил еден од обвинетите.

„Обвинителниот акт се темели на вербални и материјални докази во однос на дејствијата на обвинетите, но со оглед на тоа што постапката против првоосомничениот кој неодамна беше екстрадиран од Република Туркије продолжува, јавното обвинителство не е во можност да споделува детали во однос на доказниот материјал. Постапката продолжува и против уште едно лице кое е осомничено дека му помогнало на првоосомничениот по извршувањето на кривичното дело така што му овозможило превоз при бегството до Туркије. За тоа лице на сила се претходно определените мерки на претпазливост“, стои во обвинението.

TRT Balkan / агенции
Популарни