Истражување на ОБСЕ: Речиси секоја трета жена била сексуално малтретирана / Photo: AA Archive

Половина од жените во земјава искусиле некаков вид насилство во текот на својот живот, а речиси секоја трета жена била сексуално малтретирана. Низ физичко или сексуално насилство поминале 14% од жените во земјава, а една од 10 жени била жртва на демнење, покажуваат резултатите од истражувањето на ОБСЕ за благосостојбата и безбедноста на жените.

Резултатите од истражувањето вчера ги презентираше шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килиан Вал, на јавната расправа на темата „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“. Според Вал, иако правната рамка во Република Северна Македонија е солидна, законската регулатива за спречување и заштита од насилство врз жените, мора целосно да се спроведува за да обезбеди брз одговор и подобра заштита на жртвите.

„Законите против насилството се делотворни онолку колку што е нивното спроведување за кое се потребни ресурси, обука, и координиран пристап меѓу сите чинители, полицијата, судството, давателите на здравствени услуги и социјалните служби. За да се постигна ова, од клучно значење е вистинското спроведување на реформите кои произлегуваат од Инстанбулската Конвенција. Разрешувањето на насилството врз жените не значи само штитење на жените. Тоа значи градење општество во кое секој може да живее без страв“, рече Вал, во текот на јавната расправа по повод Меѓународниот ден против насилство на жените што се одржа во собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите.

Елена Димушевска од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство е согласна дека во однос на легислативата има подобрување од пред 15 години, но таа смета дека сепак и натаму „останува предизвикот наречен имплементација“.

„Невозможно е имплементирање на закон без да се предвидат финансии за спроведување на истиот.Она што не се предвиди кога се усвои Законот за превенција и заштита од насилство врз жените и семејно насилство е колку пари ќе не чини како држава. Повеќе од три години до усвојувањето на Законот не сме ниту блиску до исполнување на минимум стандардите за специјализирани услуги, не сме ни блиску до овозможување на достапни и пристапни специјализирани сервиси за жени и деца кои преживеале насилство. Не знам дали има потреба повторно да се унапредуваат законите или треба пред себе да си признаеме дека додека не сме спремни да одвоиме пари, барем да не се лажеме дека правиме нешто. Не може да постои специјализирана услуга квалитетна, континуирана без да има за тоа предвидени средства“, рече Димушевска на денешната јавна расправа.

Меѓу другото, таа рече дека како невладин сектор ги загрижила информацијата за кратење на речиси 50 проценти од средства наменети за социјални услуги од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади.

На дебатата свое обраќање имаше и заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски. Тој информираше дека во седум плански региони во земјава се воспоставени специјализирани сервиси за жени жртви на насилство, а оти во наредниот период предвидено е да се воспостават на нови 10 специјализирани сервиси за жени жртви од насилство и семејно насилство.

„Во наредниот период ќе се фокусираме на изготвување на осумгодишната националната стратегија за спречување и заштита на насилство врз жените и семејното насилството со Акциски план за спроведување на предвидените мерки и активности“, рече Велковски.

TRT Balkan / агенции
Популарни