Осум тела на мигранти се извлечени досега од реката Дрина откако се превтртел чамецот со кој утрово пловеле од Србија кон Босна и Херцеговина.
Нуркачите и жандармеријата пронајдоа тела на седум мажи и една жена. Седум тела се извадени од Дрина на територијата на Србија, додека едно тело е однесено од водата на територијата на Босна и Херцеговина.
Според мигранти кои успеале да испливаат на брегот, утрово чамецот со 30 од нив се превртел во реката Дрина во месноста Орлица
„Припадниците на Одделението за вонредни состојби при теренска контрола на брегот кај градот Врпоље ги извлекле безживотните тела на шестмина нерегуларни мигранти од Србија, кои се обиделе да ја преминат реката меѓу градот Дрлача кај Љубовија и Орлица во општина Зворник. Исто така, во реонот на Врпоље, на непристапен терен е пронајдено уште едно тело, а припадниците на Нуркачката единица на Жандармеријата интензивно работат на негово извлекување, додека уште едно тело е пронајдено на територијата на Босна и Херцеговина кај градот Лоњина“, изјави министерот за внатрешни работи на Србиј Ивица Дачиќ.
Според министерот, полицијата и пожарникарите-спасувачи ја продолжуваат натамошната потрага на реката Дрина и на теренот околу неа.
„Од вкупно 18 преживеани нерегуларни мигранти, 16 се од Сирија, а двајца од Египет. Исто така, од таа бројка, осум се полнолетни, а 10 се малолетни, а во тек е идентификацијата на безживотните тела - рече министерот Дачиќ и додаде дека МВР на Србија соработува со МВР на Република Српска во врска со овој настан.