Студентите на Балканот се погодени од инфлацијата и растот на цените за изнајмување станови. Единствена алтернатива за поевтино сместување се студентските домови наменети за студенти кои немаат живеалиште во градот во кој студираат.
Сосема очекувано интересот за кревет во некој од студентските домови е зголемен, со оглед на се повисоките цени за кирии предизвикани од растот на цените на пазарот на недвижности. Затоа или со нетрпение се следат веб страниците на министерствата за образование во исчекување на официјалниот конкурс или се бара место повеќе на веќе објавените конкурси.
ТРТ Балкан направи анализа на бројот на достапни места во студентските домови низ шесте земји од регионот. Главните впечатоци се дека капацитетите се исполнети речиси целосно во земјите каде веќе завршија конкурсите за сместување во студентските домови за академската 2023-2024 година.
Според достапните податоци на националните министерства за образование, студентските центри и главните државни универзитети, вкупно 4.481 места им се достапни на македонските студенти. Студентските домови се распоредени во градовите каде има голем број на факултети, па така најголемиот дел се во Скопје, а студентски домови има и во Штип, Тетово, Битола, Прилеп и Охрид.
Најмалку достапни места за студентско сместување има во Црна Гора, поточно 2.423 легла, а најмногу во Србија каде низ деветте студентски центри низ државата има вкупно 17.270 достапни места за студентите.
Местата во студентските домови под државна капа се доделуваат врз основа на неколку критериуми како што се социо-економскиот статус, постигнатиот успех при студирањето и далечината од местото на живеење.
Врз тие принципи се очекуваат конкурсите за студентските центри во Приштина каде се достапни 3.865 места и во Тирана каде албанските студенти може да аплицираат за 3.456 слободни места на државните студентски домови. Вкупно во Албанија низ сите државни студентски домови за претстојната академска година достапни се 6.506 легла.
Во Босна и Херцеговина има широкорапространета мрежа на студентски домови со вкупен капацитет од 4.844 места. Најмногу легла има во Сараево со студентскиот дом со капацитет од 1500 места.