На Универзитетот „Анкара“ во Туркије започнаа со работа нова Македонистичка катедра и нов Лекторат по македонски јазик.

На Универзитетот „Анкара“ во Туркије започнаа со работа нова Македонистичка катедра и нов Лекторат по македонски јазик.

Информацијата преку соопштение на социјалните мрежи ја потврди Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

„Започнува нова успешна приказна за афирмација на македонскиот јазик, литература и култура во светот, на странските високообразовни и научни институции“, се вели во објавата.

„На 9 ноември 2022 година, на Катедрата за македонски јазик на Факултетот за јазици, историја и географија на Анкарскиот универзитет, лекторот Дарко Темелкоски го одржа првиот промотивен час по македонски јазик“, се додава.

Се истакнува дека целата организација на настанот била координирана од раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс.

„Салата на Факултетот беше исполнета до последното седиште – со присуство на студенти, но и на членови на Здружението на Турци по потекло од Македонија. Сите заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик“, објави Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура.

„Мостовите на соработка, содејствување и пријателство меѓу двата народа и двата универзитета – УКИМ и Анкарскиот универзитет, од денес се уште посилни“, се додава во објавата.

TRT Balkan
Популарни