Мажите се уште доминираат на раководните позиции / Photo: TRT World

Колкав процент од жените се на раководни позиции, колку тие учествуваат до процесот на одлучување во државата, дали имаат еднакви права со мажите при вработување, имаат ли исти приходи или се дискриминирани? На овие прашања редовно се навраќаме секој 8 март. И секогаш пораките се дека на родовата еднаквост не треба да се размислува само еден ден во годината туку таа да се унапредува постојано.

Во продолжение ТРТ Балкан ви пренесува податоци за тоа колку државите од регионот успеале на дело да ја применат родовата еднаквост и какви права уживаат жените кај нив.

Жена на секоја петта раководна позиција во Северна Македонија

Потврда за тоа дека жените не се доволно застапени на раководните позиции во Северна Македонија, освен од разните истражувања на невладиниот сектор, доаѓа и од претставничките на власта. Тие апелираат и за проблемот на родова дискриминација и лимитиран пристап до одредени услуги. Во моментов во македонската влада има пет министерки. Слаба застапеност на жените има и кај власта на локално ниво.

Во Северна Македонија жени се наоѓаат на околу 20 отсто од раководните позиции во државата. Бројот на дипломирани жени е поголем од бројот на мажи кои дипломирале, но ситуацијата е обратна кога се во прашање раководните позиции.

Последниот извештај на Државниот завод за статистика вели дека жените во Северна Македонија заработуваат помалку од мажите и дека во државата постои родова сегрегација на работните места. Стапката на учество на жените на пазарот на трудот изнесуваше 45,7 отсто, а на мажите 67,1 отсто.

Една третина од раководните позиции во Србија за жени

Во Србија на 32 отсто од раководните позиции се наоѓаат жени. Недостасуваат припаднички од понежниот пол на челните позиции во компаниите како и во управните одбори. Од 89 работни позиции на 60 се наоѓаат мажи, а на 29 жени.

Повеќе жени од мажи бараат работа во Србија. Според евиденцијата на Националната служба за вработување 55,8 отсто од оние кои бараат работа се жени.

Мажите доминираат во успешните компании во БиХ

Последната публикација на Агенцијата за статистика на Босна и Херцеговина „Жените и мажите во БиХ” покажува дека во 2020 година од над 13.000 дипломирани студенти 60 отсто биле жени,а од над 3.100 магистри 64 отсто биле жени, додека од докторите на науки 41 отсто се жени.

Кога се работи за образовниот процес позициите на професор во средно образование или на универзитетите ги заземаат поголем дел мажи, а жените се застапени кај предшколската возраст.

Сепак жените помалку ги има на раководните позиции. Во десетте најдобро рангирани компании во БиХ 17 отсто од управувачката структура ја сочинувале жени, а 83 отсто мажи.

Женска влада во Албанија

Ако се гледа составот на албанската влада Албанија е пример за земја од регионот со висока процентуална застапеност на жени на раководните позиции во политиката. Најголем дел од кабинетот на премиерот Еди Рама го сочинуваат жени.

Во Собранието пак меѓу пратениците 65,7 отсто се мажи. Слаба е застапеноста на жените и меѓу сопствениците на компании. Според албанскиот завод за статистика ИНСТАТ, на 24 отсто од раководните позиции во бизнисот се наоѓаат жени. Стапката на вработеност кај мажите е 77,1 отсто, а кај жените 61,2 отсто.

Слаба застапеност во Косово

Во Косово податоците од индустријата говорат за вработеност на 42,8 отсто кај мажите и 15,9 отсто кај жените. Само 10 отсто од бизнисот во Косово го водат жени. Компаниите тешко се одлучуваат на раководната позиција да постават жена. Статистичарите измериле економска активност кај 22,7 отсто жени и 56,5 отсто мажи. Невработеност постои кај 29 отсто од жените и 24 отсто од мажите.

Косово има слаба застапеност на жените во политиката, но оваа земја може да се пофали со две жени избрани за претседателки.

Жени сопственички на 23 отсто компании во Црна Гора

Во Црна Гора жените се сопственици на само четири отсто од куќите и осум отсто од земјиштето. Кај претприемачите 3 отсто се жени,а во делот на сопственици на компании жените учествуваат со 23 отсто. Жените во Црна Гора заработуваат 81,6 отсто од платата на мажите, а статистиката во Црна Гора вели дека во домашните работи на домаќинствата придонесуваат со 90 отсто повеќе од мажите. Незадоволително е учеството на жените и во политиката во Црна Гора.

TRT Balkan
Популарни