Европската комисија регистрираше Европската граѓанска иницијатива со која се бара преземање на мерките за општеството без тутун и зависност од пушење до 2030 година.
Иницијативата е насловена „Повик за постигнување на животна средина без тутун и за првата европска генерација без тутун до 2030 година“.
Организаторите на иницијативата ја повикуваат Комисијата да предложи закони за да се спречи новите генерации на Европјани да станат зависни од тутун.
Според официјалните статистички податоци, најмалку 18,4 отсто од населението во земјите на Европската Унија (ЕУ), на возраст од 15 години па нагоре се пушачи на цигари.
Во изминатите години се спроведуваа низа политики, кампањи и директиви со кои ЕУ имаше за цел да ја намали стапката на пушачи на цигари, но без позначителни резултати.
Според ЕУ Директива за тутунски производи, од 2016 година, мораше да исчезнат сите стари кутии цигари и да бидат сменети со нови на кои предупредувања и шокантните фотографии треба да заземаат 65 отсто од површината на кутијата.
Исто така, се забрани и производство на цигари со вкусови, освен со ментол, а во 2014 година се донесе и директива според која во една кутија ќе има само 20 цигари.
За значително намалување на бројот на пушачи на цигари не помогнаа ниту зголемувањата на цените на цигарите низ годините наназад.
Што овозможува Европската граѓанска иницијатива?
Европската граѓанска иницијатива им овозможува на граѓаните на Унијата да упатат предлог до Европската комисија за донесување правен акт доколку соберат најмалку милион потписи на граѓаните од најмалку една четвртина држави членки, при што иницијативата може да се однесува само на подрачјата во рамки на овластувањата на Европската комисија.
Организаторите на иницијативата мора да бидат граѓани на ЕУ кои имаат доволно години да имаат право на глас на изборите за Европски парламент, а во групата на организатори треба да има најмалку седум лица од различни држави членки.
За да се покрене некоја граѓанска иницијатива, потребно е да се соберат најмалку милион потписи поддршка од најмалку седум земји членки во рок од година дена после што од Европската комисија може да се бара постапка на покренување на нов или измени на постоечкиот законски акт.
Ако иницијативата успее да собере милион потписи, Комисијата е должна да ги предложи бараните закони или да ја отфрли таа можност со образложение зошто тоа го прави.