Мисијата на НАТО на Косово (КФОР) започна со отстранување на некои возила оставени на патиштата на северот на Косово за да се врати слободата на движење.
„Мисијата на КФОР спроведува инженерски операции на северот на Косово за да отстрани некои возила блокирани на патот и да ја врати слободата на движење во согласност со мандатот на ОН“, се вели во соопштението на КФОР објавено на Твитер.
Во соопштението не се дадени детали за тоа од каде се отстранети возилата, но на барикадата на мостот на реката Ибр, во Општина Северна Митровица, останале два камиона, кои во текот на изминатата недела беа запалени од непознати лица.
Локалните Срби во северно Косово почнаа да ги отстрануваат барикадите во четвртокот, на 29 декември, по 20-дневна блокада на патиштата.
Во петокот, на 30 декември, беше отстранета последната барикада кај Зубин Поток, на патот што води кон граничниот пункт Брњак, додека косовската полиција истиот ден соопшти дека ги отворила граничните премини Јариње и Брњак.
Овие гранични премини се затворени од 10 декември кога беа поставени барикади на патиштата.
Одлуката за отстранување на барикадите дојде откако Основниот суд во Приштина на барање на Специјалното обвинителство на Косово му ја замени мерката притвор на поранешниот косовски полицаец Дејан Пантиќ со куќен притвор поради здравствени причини и поради немање услови и законски права што му припаѓаат како притвореник.
Пантиќ е обвинет за нарушување на уставниот поредок на Косово и за терористички акт за организирање на нападот врз службениците на Централната изборна комисија на северот на Косово.
Српските претставници на почетокот на ноември ги напуштија сите косовски институции поради одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата со регистарски таблички РКС.
Оваа одлука беше одложена на неодредено време поради високите тензии на северот на Косово и ризикот од ескалација на ситуацијата.