Која земја во регионот има најмлада популација?     Фото: TRT Balkan

Во земјите од Западен Балкан има над 23,5 милиони жители и повеќето од нив живеат во урбаните средини. Во однос на просечната старост, статистиката евидентира дека најмлада популација во регионот има Косово, а најстара Хрватска.

ТРТ Балкан анализираше колку жители има во секоја од земјите во регионот и колку изнесува просечната старост на населението.

Просечна возраст на населението во Северна Македонија е 40,08

По 20 години во Република Северна Македонија во септември минатата година е направен попис на населението со што се добија официјалните статистички податоци кои се однесуваат на популацијата и нејзините карактеристики. Официјалните податоци се објавени во март оваа година, а според нив Северна Македонија има вкупно 2.097.319 граѓани, од кои 1.836.713 се резиденти односно живеат во земјата, а 260.606 државјани се нерезиденти односно се надвор од земјата. Просечната возраст на населението изнесува 40,08 години. Повеќе од половина од населението живее во урбаните средини.

Која земја во регионот имаат најмлада популација? TRT Balkan

Србија има повозрасно население од Северна Македонија

Во Србија живеат 8.661.501 жители, додека просечната старост на населението е 41,6 години. Поголемиот дел од населението, односно 56,2 проценти живеат во урбаните средини.

Според најавите на властите во Србија, пописот на населението ќе се одржи во октомври оваа година, по претходните одложувања поради состојбата со пандемијата на Ковид-19.

Косово со најниска просечна возраст

Во Косово живеат 1,8 милиони жители, според податоците од Светска банка од 2021 година.

Просечната возраст на населението е 30,5 години, покажуваат податоците на „Индексмунди“, сајт за меѓународна статистика. Половина од населението живее во урбаните средини, додека останатата половина живее во руралните средини.

Попис на населението во Косово не е направен од 2011 година. Процесот на пописот на населението во Косово, планиран да се одржи оваа година, нема да биде завршен пред април 2023 година, најави во јули директорот на Косовската агенција за статистика, Авни Кастрати.

Просечна возраст во Албанија-36,4 години

Во Албанија има 2.871.022 жители, покажува статистиката на „Ворлдметер“, базирана на податоците на Обединетите нации. Просечната старост на населението во оваа држава изнесува 36,4 години. Најголем дел од населението, односно 63,5 отсто живеат во урбаните средини.

Албанија по вторпат го одложи пописот на населението, кој според новиот термин требаше да почне на 1 октомври оваа година. Како официјална причина за одложувањето е дека не се обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен, соопшти на 25 август Институтот за статистика (ИНСТАТ), информирајќи дека пописот ќе се одржи идната година.

Црна Гора: Просечна возраст на населението-38,8 години

Вкупната популација во Црна Гора изнесува 628.237 жители. Просечната возраст на црногорските граѓани изнесува 38,8 години. Од вкупниот број на населението, 67,6 отсто, односно 424.767 жители живеат во урбани средини.

БиХ меѓу земјите со висока просечна возраст на населението

Босна и Херцеговина има 3.251.641 жители. Статистиката покажува дека во Босна и Херцеговина просечната возраст на граѓаните изнесува 43,1 година. Од нив, 52,3 отсто живеат во урбаните средини.

Хрватите со највисока просечна возраст во регионот

Во единствената земја членка на Европската Унија во регионот на Западен Балкан, Хрватска, моментално живеат 4.051.542 жители. Просечната возраст на населението е 44,3 години.

Повеќето или над 2.3 милиони жители (57,7 отсто) живеат во урбаните средини

„Стариот контитет“ се повеќе старее

Споредено со земјите членки на Европската Унија, просечната старост на жителите во овие земји е над 43 години, покажуваат податоците на Европската статистичка служба (Евростат).

Нивните проценки се дека до средината на векот Европјаните ќе бидат уште постари.

TRT Balkan
Популарни