За осум години приливот на пари од ЕУ во земји кои не се дел од ЕУ се зголемил за 47 отсто / Photo: ТРТ Балкан

Жителите на земјите членки на Европската унија во 2021 година испратиле 37,7 милијарди евра во земји кои не се членки на ЕУ, покажуваат податоците на Евростат.

Ова претставува зголемување од 11 отсто во однос на 2020 година кога биле испратени 34 милијарди евра. Споредено со 2015 година, приливот од ЕУ во земји кои не се дел од Унијата се зголемил за дури 47 отсто. Во овие пресметки се вклучени и три земји од регионот, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора.

Колку заземаат трансферите од БДП?

Евростат пресметал и колкав процент од домашниот Бруто домашен производ во земјите кои не се во ЕУ заземаат приливите од странство, вклучително и трите земји од Западен Балкан.

Според овие податоци паричниот прилив од ЕУ во Северна Македонија изнесува 2,8 отсто од БДП. Во Албанија и Црна Гора тој е повисок. Во Албанија изнесува 6,7 отсто од БДП, а во Црна Гора 6,1 отсто.

Колку пари испраќа дијаспората?

Што се однесува до средствата испратени од дијаспората во земјите од регионот, тие се главно во нагорна линија. Во Северна Македонија во 2022 година иселениците испратиле 350 милиони евра. Тоа го надминува износот од пред пандемијата за 221 милион евра.

Според Централната банка на Босна и Херцеговина, во 2021 дознаките од странство изнесувале рекордни 3 милијарди конвертибилни марки или 1,53 милијарди евра што е за 255,6 милиони евра повеќе во однос на 2020 година.

Во Србија според Народната банка за десет месеци од 2022 година биле испратени 4.2 милијарди евра, што е речиси двојно повеќе споредено со 2021 година.

Во Косово според Централната банка во 2021 биле испратени 1,15 милијарди евра што е за 173,4 милиони евра повеќе од 2020 година.

Ист износ од 1,15 милијарди евра е регистриран и во Албанија, а во Црна Гора дијаспората во 2021 година испратила 631 милион евра што е за 111 милиони евра или за 21,5 отсто повеќе во однос на претходната година

Евростат во 2021 регистрира и трансфери во земји од опкружувањето членки на ЕУ повисоки од 1%. Па така во Хрватска тие изнесуваат 2,7 отсто од БДП, а во Бугарија 1,6 отсто.

TRT Balkan
Популарни