Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ се обрати со писмо до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, откако Владата на Република Хрватска побара присуство на своите воени припадници на територијата на Босна и Херцеговина.
„Во врска со разгледувањето на можноста на продолжувањето на мисијата на ЕУФОР, Операцијата Алтеа, како и можните поинакви решенија кои го вклучуваат ангажманот на НАТО сојузот, сакам да ве известам дека сме запознаени со содржината на писмото од Владата на Република Хрватска за нивното евентуално вклучување и испраќње на воени сили во Босна и Херцеговина преку НАТО или ЕУФОР мисијата“, истакна Комшиќ.
Тој тврди дека во писмото на Владата на Република Хрватска постои одреден број круцијални невистини, потсетувајќи дека Општиот рамковен договор за мир во БиХ или Дејтонскиот мировен договор потпаѓа во категоријата на меѓународните мировни договори кои потпишуваат држави учеснички во војната.
„Таква дефиниција, подоцна ја потврди Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија од Хаг, кој војната во Босна и Херцеговина ја утврди како меѓудржавен вооружен судир“, рече Комшиќ.
Додаде дека таквиот факт, правен и историски, беше по повод одредбата на членот 3. Од Анексот 1А од Дејтонскиот мировен договор (Повлекување на странските сили) со траен карактер, а никако со привремена или еднократна обврска, соопштено е од Кабинетот на членот на Претседателството на БиХ.
„Со потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор престанаа да важат одредбите на Сплитскиот договор на кој Владата на Република Хрватска се повикува. Посебно е важно да се истакне дека Сплитскиот договор нема карактер на меѓународен договор, бидејќи се работи за еднократен договор за воено делување во специфични воени околности“, смета Комшиќ.
Тој смета дека, поради тоа, би било многу непримерно НАТО сојузот во својата мисија во Босна и Херцеговина или преку мисијата на ЕУФОР Операцијата Алтеа, да ги вклучува силите на Република Хрватска, односно земјата на чие воено и политичко раководство му е пресудено во Меѓународниот кривичен суд во Хаг „како дел на здружено злосторничко здружување кој за цел имал создавање етнички исчистени делови на БиХ под воена и политичка управа на соседна Хрватска“.
„Таквите политички амбиции на Република Хрватска кон Босна и Херцеговина, суверена и независна држава, постојат и денес, кои настојуваат да зајакнат и со воени сили. Цврсто верувам дека ги разбирате причините на моето обраќање и дека НАТО сојузот ќе донесе единствена можна исправна одлука“, напиша Комшиќ во писмото до Столтенберг.
Како што вчера објавија медиумите, Хрватска има намера да испрати свои војници во мировна мислија во Босна и Херцеговина. Министерот за надворешни работи на Хрватска Гордан Грлиќ Радман испрати писмо до Столтенберг со кое го „предупредува“ дека единството на НАТО би можело да биде загрозено доколку на Хрватска и биде ускратено правото да испрати свои војници во мировната мисија во БиХ.
Хрватскиот министер наведува дека не постојат било какви правни и политички пречки или загрижености за учеството на Хрватска во било која мисија или операција на НАТО. Освен тоа, истакнува Грлиќ Радман, можното исклучување на Хрватска, не би било „само дискриминаторско за сојузникот, туку сојузникот би го ставило во неповолна положба во однос на можните оперативни партнери“.