Конститутивна седница на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ) се одржа денеска во Сараево на која Жељка Цвијановиќ, Жељко Комшиќ и Денис Беќировиќ положија заклетва со која беа инаугурирани како нови членови на таа институција.
Свечената церемонија започна со интонирање на националната химна на Босна и Херцеговина, по што сега веќе поранешниот претседавач со Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ, ја отвори конститутивната седница на која е извршено примопредавањето на должностите.
Потоа, претседателот на Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ, Суад Арнаутовиќ, на новоизбраните членови на Претседателството на БиХ им врачи сертификати.
По врачувањето на сертификатите, новоизбраните членови на Претседателството на БиХ го прочитаа и потпишаа текстот на свечената изјава, односно положија заклетва.
Изговарајќи и потпишувајќи ја свечената изјава, Цвијановиќ, која во следните осум месеци ќе биде претседавач според системот на ротација, и членовите на Претседателството на БиХ, Комшиќ и Беќировиќ, ја презедоа должноста колективен шеф на државата, која ќе ја извршуваат во следните четири години.
На свечената церемонија, покрај членовите на Претседателството на БиХ, присуствуваа и членовите на нивните семејства, претставници на дипломатскиот кор, претседатели на одредени политички партии и други официјални претставници.
Новите членови на Претседателството на БиХ го сочинуваат осмиот состав на оваа институција од 1996 година, кога беа одржани првите избори по војната.
Во претходниот мандат функциите членови на државното Претседателство ги извршуваа Шефик Џаферовиќ, Жељко Комшиќ и Милорад Додик.
На општите избори во БиХ одржани овој октомври, за членови на Претседателството на БиХ избрани се Беќировиќ од бошњачкиот народ, Комшиќ од хрватскиот народ и Цвијановиќ од српскиот народ.
Денис Беќировиќ (Обединети за слободна БиХ) освои 330.238 гласа, Жељка Цвијановиќ (Сојуз на независни социјалдемократи - СНСД), 327.720 гласа, а Жељко Комшиќ (Демократски фронт), 227.540 гласа, со што е избран за уште еден мандат во Претседателството на БиХ.