Таа изјави дека Црна Гора има реални шанси да ги заврши пристапните преговори со Европската унија за време на нејзиниот мандат / Photo: Marta Kos X

Комесарката за проширување на Европската унија Марта Кос изјави дека Црна Гора има историска шанса да стане следната полноправна членка на ЕУ.

Кос е во прва официјална посета на Подгорица, каде што се сретна со црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ и премиерот Милојко Спајиќ.

„Се договоривме дека конструктивниот и инклузивен дух на земјата ќе игра одлучувачка улога во доведувањето на земјата до нејзината цел“, рече Кос на социјалната мрежа Х.

Таа на средбата со Милатовиќ истакна дека влезот во Европската Унија мора да биде национален проект, во кој ќе бидат вклучени сите. Таа изрази лична подготвеност да помогне во тој процес.

Таа изјави дека Црна Гора има реални шанси да ги заврши пристапните преговори со Европската унија за време на нејзиниот мандат.

„Посетата на комесарот Кос претставува продолжување на ангажираниот политички дијалог на тема евроинтеграции на Црна Гора и потврда на взаемната посветеност на политиката за проширување на Европската унија“, соопштија од кабинетот на Милатовиќ.

Црногорскиот претседател истакна дека стратешкото партнерство меѓу ЕУ и Западен Балкан е поважно од кога било.

„Црна Гора е најнапредниот кандидат за членство, а нашата примарна надворешнополитичка цел е да станеме 28. земја-членка до 2028 година. Во овој контекст, треба да го искористиме моментумот на политиката на проширување, која бара интензивен политички дијалог, континуирани реформи на домашно ниво, како и континуирана поддршка од нашите европски партнери“, рече Милатовиќ.

Процесот на интеграција на Црна Гора во Европската Унија започна откако во 2006 година стана независна држава, а првиот конкретен чекор беше поднесувањето на барање за членство во 2008 година.

Две години подоцна, Црна Гора доби кандидатски статус, а во средината на 2012 година беа отворени пристапните преговори меѓу Брисел и Подгорица.


TRT Balkan / агенции
Популарни