Еврокомесарката за проширување Марта Кос денеска изјави дека Европската унија бара во Србија да се создадат услови за инклузивен дијалог, кој би ги вклучил сите страни и дека тоа е заедничка одговорност на сите нив.
Tаа нагласи дека будно ја следи ситуацијата во Србија и оти нејзината порака е дека европската агенда дава решенија за многу прашања кои денес се во центарот на дискусиите.
„Важно е да се создадат услови за инклузивен дијалог кој ќе ги вклучи сите засегнати страни, политички актери, институции и членови на граѓанското општество кои ќе се осврнат на реформите кои се неопходни за европската иднина на Србија“, наведе Кос во писмото објавено на Х.
Таа нагласи дека тоа ќе го зајакне српското општество и ќе го консолидира патот на Србија кон членство во ЕУ.
Во писмото што го испрати, рече Кос, како одговор на писмата што ги добила од членовите на српската академија, политичките претставници и граѓанските организации во врска со актуелната ситуација во Србија, таа изјавила дека внимателно ги следи протестите во Србија и дека сака да одговори на изразената загриженост и да ги потсети за што се залага ЕУ.
„Слободата на собирање е основно право. Таа мора да се користи мирно и во согласност со законот. Сведоци сме на инциденти против демонстрантите. Очекуваме целосна, непристрасна и брза истрага. Насилството не може да се толерира. Очекуваме српската полиција да продолжи да ја гарантира безбедноста на демонстрантите. Јазикот што поттикнува насилство и недостатокот на меѓусебно почитување не може да биде решение“.
Таа додаде дека приоритет на ЕУ и на претседателката Урсула фон дер Лајен е да ја поддржат Србија да напредува на нејзиниот европски пат и цел да стане дел од Европската унија и дека патот кон членството во ЕУ вклучува реформи кои ги вградуваат нашите заеднички вредности во законодавството и практиката.
„Патот на Србија кон Европската унија нуди решенија за многу прашања кои се во центарот на денешната дискусија. Реформите кои се дел од процесот на пристапување во ЕУ ќе ја зајакнат борбата против корупцијата, ќе обезбедат независност на судството и одговорност на институциите, ќе ја промовираат слободата на медиумите и медиумскиот плурализам и ќе ги подобрат изборните услови“.
Кос нагласува и дека процесот на пристапување во ЕУ бара интензивен напор од целото општество и дека тој треба да биде национален проект во сопственост на сите „владата, парламентот, опозицијата, граѓанското општество, секој регион, град и село и секој граѓанин во земјата“.