Проширувањето на Европската унија е процес заснован на заслуги, а не на временска рамка, изјави Марта Кос, еврокомесар за проширување.
Таа го истакна ова денеска во дискусијата „Прошири до просперитет: Дали Европа ќе расте? на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија.
„Понекогаш слушам дека земјите од Западен Балкан чекаат долго. Не се работи за тоа колку долго чекаат. Прашање е на нивната политичка волја, колку се способни да ги исполнат условите за членство во Унијата“, рече Кос , додавајќи:
„Европската унија внимателно следи што се случува во земјите кои се кандидати за членство.
Tаа посочи на проценките дека околу 50 отсто од земјите-членки на Обединетите нации се недемократски, нагласувајќи дека тоа е факт што мора да се земе предвид кога се разговара за проширувањето.
Говорејќи за Украина, Кос рече дека ова е првпат ЕУ да преговара со земја во војна, што таа го оцени како напорна работа, што бара процесот да се заврши два до три пати побрзо од вообичаениот.
„Ако го споредиме со Северна Македонија, која е кандидат, објасни Кос, ако работите се одвиваат со таа брзина, Украина ќе стане членка на ЕУ во 2045 година“.
Кос рече дека процесот на пристапување во ЕУ е трансформативен процес во кој преку постепена интеграција им се овозможува на кандидатите да бидат дел од единствениот пазар.
„Денеска е поинаку, кога Словенија и Хрватска станаа дел од ЕУ, не се зборуваше за мир и слобода, а сега во овој круг на пристапување се чини дека се враќаме на основите, на корените поради кои е формирана ЕУ. Повторно се занимаваме со проблемите на мирот, слободата, просперитетот и, би додала, безбедноста“, нагласи Кос.
Таа предупреди дека и во ЕУ има земји членки кои не ги следат вредностите на владеењето на правото.
Кос рече дека полското и данското претседателство би можеле да бидат најдобрите 20 меѓувладини конференции за отворање и затворање поглавја, доколку тоа го дозволат земјите-членки.
Кос рече дека процесот на проширување е процес заснован на заслуги, а не временска трка.