Косово и Луксембург потпишаа Договор за соработка и развој вреден 35 милиони евра, како и Меморандум за разбирање за спроведување на овој договор.
Договорот беше потпишан во Владата на Косово од вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, и министерот за економија на Луксембург, Франц Фајот.
Бислими нагласи дека со билатералниот договор меѓу Косово и Луксембург ја воспоставуваат заедничката рамка што се однесува до соработката за развој за цела деценија, иако со меморандумот се дефинирани средствата за периодот 2023 - 2025 година.
Според косовскиот вицепремиер, договорот вклучува проекти во неколку области кои се приоритетни за косовската Влада, како образованието, здравството, одржлив и инклузивен економски раст, понатамошен развој на граѓанското општество и иновации.
„Индикативна сума предвидена во овој договор е 35 милиони евра или околу 12 милиони евра за секоја година“, истакна тој.
Министерот за економија на Луксембург, Фајот, рече дека неговата земја е присутна во Косово од 1999 година, и дека е меѓу првите земји кои ја признале независноста на Косово во 2008 година.
„Денес се наоѓаме на пресвртница во билатералните односи меѓу Косово и Луксембург“, рече Фајот, додавајќи дека неговата земја во текот на две децении дала финансиски придонес во Косово преку грантови во вредност од над 100 милиони евра.