Косово на северот го намалува полициското присуство за уште 25 отсто / Photo: AA

Косовскиот премиер Албин Курти соопшти дека од денес започнало намалувањето на присуството на косовската полиција во три општински згради на северот на Косово за уште 25 отсто откако оцени дека безбедносната состојба е добра.

По Договорот меѓу Владата на Косово и Европската Унија на состанокот во Братислава на 13 јули, косовската полиција го намали присуството на полицијата за 25 отсто во и околу општинските згради во Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ.

Курти наведе дека новото намалување на присуството на полицијата доаѓа по процената на безбедносната состојба од вчерашната средба на шефот на косовската полиција со ЕУЛЕКС и КФОР.

„Обезбедувањето е добро, ситуацијата е мирна и може малку да го намалиме присуството на полицијата. Подобро се одржуваат владеењето на правото и јавниот ред. Поминаа околу еден и пол месец без позначајни инциденти или насилни протести. Им благодариме на полицијата и граѓаните без разлика за соработката и коректноста“, напиша Курти на Фејсбук.

Премиерот додаде дека како што рече пред повеќе од два месеца нема да има целосно или моментно намалување на присуството на полицијата, туку само постепено и пропорционално. Тој потсети и дека намалувањето се однесува на присуството на полицијата во општинските згради и нивната околина, а не на северот на Косово, каде што сѐ уште има предизвици во работењето за целосно владеење на правото.

„Со одговорност и сериозност, чесност и грижа, го спроведуваме Братиславскиот договор од 10 јули 2023 година во однос на барањата на ЕУ од 3 јуни 2023 година за деескалација. Заедничкото откритие со меѓународните фактори за значително подобрување на нивото на мирот и безбедноста на северот сведочи за јасна деескалација. Во исто време предупредуваме на потенцијална повторна ескалација што може да произлезе од изјавите за омраза и политичка и државна агресивност на нашиот северен сосед“, рече Курти.

Косовскиот премиер ги повика граѓаните да не наседнуваат на разни дезинформации, од оние што се резултат на недоразбирања, неразбирање или погрешно толкување на состојбите и случувањата до оние што се антивладини желби што јавно се пренесуваат како фактички вести.

„Хибридната војна против независната Република Косово и нејзината демократска и прогресивна Влада ќе пропадне“, порача Курти.

Владата на Косово по Договорот во Братислава изјави дека Владата на Косово јавно изразила подготвеност да придонесе за деескалација на ситуацијата и со непреземање дејства што би можеле да ја ескалираат ситуацијата на северот на земјата. Ова вклучува итно намалување на присуство на полицијата за 25 отсто во и околу општинските згради и дека, заедно со ЕУЛЕКС и КФОР, безбедносната ситуација ќе биде оценета како неопходна, особено за да се разгледа натамошното намалување на полициското присуство во и околу општинските згради.

Владата на Косово, исто така, во согласност со Договорот од Братислава оваа недела формираше работна група што ќе подготви административно упатство, за изнаоѓање законско решение за отповикување на актуелните албански градоначалници избрани на изборите во април во четири општини на северот од Косово, кои беа бојкотирани од српската заедница. Со тоа би се отворил пат за распишување вонредни локални избори во тие општини.

TRT Balkan / агенции
Популарни