Косово: На северот на земјата мирно, на патиштата и понатаму барикади / Photo: AA

Магистралниот пат Митровица-Лепосавиќ, во селото Рударе кај Звечан, на северот на Косово, и понатаму е блокиран со тешка машинерија, но ситуацијата е мирна.

Кај првите куќи во Рударе, на неколку километри од Митровица, на патот има камиони и автобуси, а пред нив се поставени две ленти што означуваат дека не може да се оди понатаму.

Речиси е пусто, само мала група граѓани оди да ги чува барикадите. Зад камионот се подигнати шатори каде што граѓаните престојуваа во текот на ноќта.

Во близина се два патролни џипови на КФОР, додека Косовската полиција не е присутна.

Како што во текот на вчерашниот ден изјави министерот за внатрешни работи на Косово Џелал Свечла, на северот од сабота попладне на шест места се поставени барикади на магистралните патишта, кај Звечан, Лепоставиќ и Зубин Поток.

Затворени граничните премини на северот на Косово

Поради блокадите на патиштата, Косовската полиција привремено ги затвори за сообраќај двата гранични премини на северот на Косово кон Србија, Јариње и Брњак.

На мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на северниот дел со мнозинско српско население и јужниот дел со мнозинско албанско население, е мирно. На мостот патролираат два џипа на ЕУЛЕКС и еден автомобил на Косовската полиција, како и два џипа на КФОР во кои нема војници.

Во северниот дел на Митровица е речиси пусто, многу малку луѓе можат да се видат на улица. Според сознанијата, денес во четири општини на северот на Косово не работат основните и средните училишта, а вработените имаат работна обврска во смени да ги чуваат барикадите.

На патиштата на северот на Косово локалното население, меѓу кои се видени и маскирани лица, поставија барикади, откако Косовската полиција во сабота претпладне на граничниот премин Јариње го уапси Дејан Пантиќ, поранешен припадник на Косовската полиција, поради основано сомнение за вмешаност во организирање напади на канцелариите на Централната изборна комисија и нападите на службениците на ЦИК и Полицијата на Косово на 6 декември во Северна Митровица и во Зубин Поток.

Забележана е и размена на оган помеѓу криминалните групи и Косовската полиција, а фрлена е и шок бомба на патролата на ЕУЛЕКС. Во инцидентите немаше повредени. Претходно, на 8 декември кај Звечан од огнено оружје беше повреден еден косовски полицаец.

Меѓународна заедница: Србите да ги отстранат барикадите

Претставниците на ЕУ и САД побараа од Србите да ги отстранат барикадите и да овозможат слобода на движење.

Курти: Нападите на Полицијата на Косово и на ЕУЛЕКС се неприфатливи

По состанокот на Националниот совет за безбедност на Косово вчера, премиерот на Косово Албин Курти изјави дека нападите на косовската полиција и припадниците на ЕУЛЕКС се неприфатливи. Курти рече дека се чека КФОР да ги отстрани барикадите од патиштата, доколку тоа не го направат самите Срби кои ги поставиле.

Вучиќ до Србите во Косово: Почитувајте ги ЕУЛЕКС и КФОР

Претседателот на Србија Александар Вучиќ синоќа на Србите во Косово им порача да го почитуваат ЕУЛЕКС и КФОР и да не дозволат да бидат испровоцирани.

Вучиќ рече дека е шокиран од некои од изјавите од меѓународната заедница за барикадите кои косовските Срби ги поставиле на патиштата и порача дека „барикадите никој од Белград не ги наредил и поради тоа да не се обвинува Србија“.

„Мораме да повикаме на зачувување на мирот и смирување на ситуацијата, а Србите ги повикувам да не наседнуваат на провокациите и да останат мирни“, рече Вучиќ.

Одложени изборите на северот на Косово

Претседателката на Косово Вјоса Османи поради безбедносната ситуација ги одложи за април 2023 година вонредните избори во четирите општини на северот на Косово кои беа закажани за 18 декември.

Изборите се закажани по излегувањето на Српска листа од косовските институции поради одлуката на Владата на Косово за задолжителна пререгистрација на возилата од старите српски таблици со ознаките на косовските градови на РКС таблиците, а во таа пригода Србите ја напуштија и полицијата и правосудството. Примена на таа одлука е поместена на неодредено време по притисокот на меѓународните партнери, САД и ЕУ, со цел намалување на тензиите на северот на Косово.

TRT Balkan / агенции
Популарни