Собранието на Косово доби десет нови пратеници од српската заедница на местото на десетте кои поднесоа оставка.
На 7 ноември десет пратеници на Српската листа официјално поднесоа неотповикливи оставки во Собранието на Косово, откако на 5 ноември сите српски претставници се повлекоа од Собранието и Владата на Косово, како и од сите институции на северот на земјата.
Потоа, Централната изборна комисија на барање на претседателката на Косово, Вјоса Османи, одобри препорака со имињата на кандидатите кои би требало да ги заменат пратениците кои ги вратија мандатите.
Денеска од Српската листа заклетва положија Милан Костиќ, Зоран Максимовиќ, Оливера Здравковиќ, Милан Јоксимовиќ, Ксенија Божовиќ, Радош Михајловиќ, Ненад Раденковиќ, Светислав Јокиќ и Билјана Максиќ, додека десеттиот пратеник е Цветко Вељковиќ од Граѓанската иницијатива за слобода, правда и опстанок.
Новите пратеници од Српската листа по положувањето на заклетвата ја напуштија салата, додека Вељковиќ остана во салата.
Српска листа соопшти дека девет пратеници од таа листа денес во Собранието на Косово технички ги презеле мандатите за да се спречи „остварување на планот на Албин Курти и на него подобните Срби да се измени уставот и законите со кои се гарантираат правата на српскиот народ во Косово“.
Според Уставот на Косово, во Собранието за српската заедница се резервирани десет пратенички места. Новите пратеници ги препорача Централната изборна комисија. Тие беа заверени на вонредните избори за Собранието на Косово, кои се одржаа на 14 февруари 2021 година.
Пратениците на Српската листа заедно со останатите српски претставници одлучија да излезат од косовските институции на централно ниво и во четири општини на северот на Косово поради суспензија на в. д. директорот на Полицијата на Косово за регионот Север, Ненад Ѓуриќ, кој одби да ја спроведе одлуката на Владата на Косово за изрекување опомени на граѓаните за непререгистрираните возила.
Од Српската листа порачаа дека нивната одлука останува во сила додека Приштина не ги повлече „едностраните и противправни одлуки“ за пререгистрација на регистарските таблички и додека не формира Заедница на општини со српско мнозинство во согласност со Првиот договор од Брисел.