Специјалното обвинителство на Косово во средата поднесе обвинение против 45 лица, меѓу кои и Милан Радоичиќ, кои беа дел од вооружената група што ја нападна косовската полиција во Бањска минатиот септември.
Главниот обвинител на Специјалното обвинителство Блерим Исуфај изјави дека доцнењето со поднесувањето на обвинението е поради прифаќањето на резултатите од испитувањата спроведени во странство.
„Специјалното обвинителство неколку месеци интензивно работеше на овој обемен и сложен предмет. По завршувањето на истражните дејствија, по прибирањето докази и потпирањето на нив, поднесе обвинителен акт против 45-те обвинети инволвирани во овој случај“, рече Исуфај.
Наредникот Африм Буњаку беше убиен во напад на вооружена група Срби на 24 септември 2023 година во Бањска, кај Звечани, а тројца напаѓачи загинаа и во размената на оган. Остатокот од групата побегнал во правец на Србија.
Милан Радоичиќ беше потпретседател на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која ја ужива поддршката на официјален Белград. Од таа функција поднесе оставка неколку дена по нападот во Бањска.
Радоичиќ беше уапсен во Белград, откако призна дека ја организирал групата, но беше ослободен наредниот ден. Вишиот суд во Белград го одбил предлогот на Вишото јавно обвинителство во Белград да му одреди притвор на Радоичиќ, кој е осомничен за сторени кривични дела- здружување заради извршување кривични дела, недозволено изработување, држење, носење и тргување со огнено оружје и експлозивни материи како и тешки кривични дела против општата безбедност.
Судот му изрече забрана на Радоичиќ да ја напушта територијата на Србија без одобрение на судот, а забраната се однесува и за влез на Косово и Метохија.