Во четирите општини на северот на Косово се огласија сирени за тревога, а граѓаните се собраа околу зградите на општините и спречија во нив да влезе косовската полиција.
Полицијата на Косово соопшти дека им помага на новоизбраните градоначалници да го остварат правото на работа во официјалните општински згради. Во соопштението на полицијата, се наведува дека во согласност со законските и уставните овластувања, полицијата презема мерки на обезбедување, одржување на ред и јавна безбедност.
„Косовската полиција денес по службена должност им помага на градоначалниците на северните општини Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток да го остварат правото на работа во објектите на функционерите од наведените општини“, се наведува во соопштението. Медиумите објавија дека во Звечан се слушнале истрели, како и дека биле запалени полициски автомобили.
Се наведува дека косовската полиција употребила солзавец за да ги растера граѓаните пред зградата на општина Звечан.
Новите градоначалници на Зубин Поток, Звечан и Лепосавиќ, вчера положија официјални заклетви, откако тоа на 19 мај прв го направи градоначалникот за Северна Митровица Ерден Атиќ.
Тие се избрани на локалните избори одржани на 23 април, кои Србите ги бојкотираа. Вонредните избори требаше да се одржат во декември, но беа одложени за април поради лошата безбедносна ситуација, блокадите на патиштата од страна на Србите и нападите врз службениците на Централната изборна комисија.
Реакција на косовскиот министер Красниќи По тензиите на северот на Косово, реагираше и министерот за администрација на локалната самоуправа, Елберт Красниќи.
Тој рече дека централните институции имаат обврска да им овозможат на избраните градоначалници да ги исполнат своите обврски. Красниќи рече дека министерството што го води нуди целосна поддршка во исполнувањето на уставните и законските обврски на градоначалниците на северот на Косово. Наредба да се крене борбената готовност на Војската на Србија
Претседателот на Србија Александар Вучиќ по интервенцијата на косовската полиција издаде наредба да се крене борбената готовност на Војската на Србија на највисоко ниво. Вучиќ ја потпиша наредбата за подигнување на готовноста на единиците на Војската на Србија на највисоко ниво и нареди нивно итно движење во правец на границата со Косово.