Република Косово се противи на секоја додатна мапа на патот или повторна проценка на критериумите за либерализација на визниот режим. Претседателката на земјата Вјоса Османи истакнува дека на сите претставници на Европската Унија (ЕУ) јасно им укажала дека Косово нема да стане дел од ниту една иницијатива која би го продолжила процесот на слободното движење.
Османи: Да бидеме третирани како другите земји
Претседателката Османи вели дека Косово ги исполнило сите услови, истакнувајќи дека одлуката за либерализација е задоцнета.
„Сакаме да бидеме третирани како што се третирани другите земји, никогаш во историјата на ЕУ не се случило да се постави друга мапа на патот, последователно нови критериуми, или оценување на критериумите од почеток, затоа е неопходно ние како Република Косово да се спротивставиме на таквиот пристап, како и што направивме“, рече Османи.
Додаде дека на сите претставници на ЕУ јасно им го кажала овој став.
„Доколку таков пристап замислиле, секако, нема да биде прифатлив за нас и нема да станеме дел од ваквите иницијативи кои имаат за цел уште повеќе да го одолговлекуваат процесот кој се одолговлекува повеќе од четири години“, изјави Османи.
Таа вели дека веќе добила одговор од повеќето функционери од ЕУ дека нема намера за додатни критериуми. Меѓутоа, додава таа, неопходно е да се работи со државите членки за да тие ги одбијат иницијативите за нови мапи на патот.
„Потребно е одделно да се работи со државите членки за да тие го одбијат таквиот пристап и истовремено не и дозволат на ЕУ да воспостави процедури за Косово кои никогаш претходно не биле поставени ниту за една држава. Би било без преседан не само во историјата на ЕУ такво нешто да се бара од нас, тоа е неприфатливо за нас и по тој пат нема да одиме. Веќе добивме одговор од големо мнозинство функционери на ЕУ дека таа цел всушност и не постои, но заедно ќе работиме на тоа ваквиот предлог, да не се турка напред“, рече Османи.
Претседателката на Косово минатата недела учествуваше на Самитот на лидерите на ЕУ-Западен Балкан, каде ја истакна потребата за либерализација на визниот режим за граѓаните на Косово, како единствена земја која уште не ужива слободно движење, и покрај исполнувањето на критериумите.
Оптимизам за либерализација на визниот режим на Косово
Според Османи, Косово за првпат на ниво на Советот на ЕУ добило исклучително голема поддршка.
„Не верувам дека би било одговорно да одредуваме датум. Секако дека постои оптимизам бидејќи ги исполнивме сите критериуми, одговоривме на сите загрижености на државите членки. На самиот самит се разговараше во корист на либерализацијата на визниот режим и од страна на скептичните држави. Ако тие имаат дополнителни прашања во врска со конкретни прашања во Република Косово, ние се бавиме со овие прашања билатерално, но тоа никако не би оправдувало создавање нова процедура на нова мапа на патот како што напомена комесарот за проширување, затоа ако има некои додатни прашања од страна на државите членки овие денови ние итно ќе ги третираме и нема да има друго прашање. Затоа, околу ова прашање треба итно да се одлучи“, додава претседателката Османи.
Во дебатата која е одржана во понеделникот во Европскиот парламент, комесарот на ЕУ за соседна политика и проширување Оливер Вархеји, предупреди на додатни насоки за либерализација на визниот режим на Косово.
Додека во вторникот Европската комисија соопшти дека такво нешто не планираат и дека продолжуваат да го бранат ставот дека Косово ги исполнило условите за слободно движење во земјите на ЕУ.