Косово: Во Звечан денеска мирно, КФОР ја обезбедува општинската зграда / Photo: AA

Во општина Звечан на северот на Косово е мирно, мал број граѓани се на улица, а КФОР ја обезбедува општинската зграда.

На медиумските екипи им се обрати Срѓан Милосављевиќ, порашен претседател на Советот на општина Звечан, кој рече дека граѓаните мирно протестираат и дека барањата се исти, да се тргнат специјалците на Полицијата на Косово од зградите на општините на северот на Косово и новите, како што рече „лажни градоначалници, да не доаѓаат во општинските згради“.

Тој рече дека граѓаните и вчера мирно протестирале и дека сакаат мир, но дека тоа некому не му одовара.

Истакна дека се бара ослободување на дваца нивни сограѓани кои вчера се уапсени и одреден им е притвор. Милосављевиќ ги повика граѓаните во општините на северот на Косово со мнозинско српско население, утре да се соберат во поголем број од вчера за да го искажат своето незадоволство поради новонастанатата ситуација.

Курти: Не се работи за мирни протести, туку за група екстремисти

Косовскиот премиер Албин Курти вчера се состана со амбасадорите на земјите од Квинтата (САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија) и шефот на Канцеларијата на Европската унија во Косово, со кои разговараше за случувањата на северот во Косово, по насилната акција на екстремистичките демонстранти против косовската полиција, КФОР и припадниците на медиумите.

Како што е соопштено од Владата, Курти оцени дека, иако вчера имало и мирни демонстранти, не се работи „за мирни протести, туку за група екстремисти во режија на официјален Белград.“

Вучиќ од амбасадорите на Квинтата побара заштита на Србите на Косово

Со амбасадорите на земјите од Квинта во Белград се состана, претседателот на Србија Александар Вучиќ, а единствена тема на разговор била најновата ескалација на насилството на Косово.

„Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изрази големо незадоволство и загриженост поради фактот дека еден дел од меѓународната заедница продолжува да ги толерира едностраните потези на Приштина, кои доведуваат до насилство над српската заедница, што резултира со сè помал број на опции кои би можеле да доведат до постојан мир и стабилност во регионот“, соопштија од Кабинетот на српскиот претседател.

Тензии на северот на Косово Во петокот, тензиите меѓу Белград и Приштина се зголемија откако полицијата во Косово се судри со локалните Срби кои се собраа пред општинската зграда за да го спречат новоизбраниот градоначалник етнички Албанец да влезе во неговата канцеларија.

Минатиот месец косовските Срби ги бојкотираа вонредните избори за локална самоуправа за четири општини во северниот дел на земјата.

TRT Balkan / агенции
Популарни