Photo: AA Archive

Косовската полиција соопшти дека во три случаи синоќа од различни локации било пукано кон полициските единици кои биле на службена должност во близина на браната на езерото Газиводе.

Од Косовската полиција се наведува дека „лица од одредени криминални групи кои блокираа повеќе патишта на северот на земјата, од различни локации, во три случаи пукаа во полициски единици кои беа на службена должност во близина на браната на езерото Газиводе, на пат кон Граничниот премин Брњак“.

„Полициските единици во самоодбрана беа принудени да одговорат од огнено оружје на криминалните лица/групи, кои се повлекле и се оддалечиле во непознат правец. Исто така, според информациите од полициските единици на терен, на повеќе различни локации се слушнале истрели“, се истакнува во соопштението.

Се додава дека засега нема официјални информации за повредени или евентуална штета.

Затворени за сообраќај два гранични премини

Претходно, Косовската полиција соопшти дека од безбедносни причини, додека биле блокирани патиштата, затворила за сообраќај два гранични премини на северот на Косово кон Србија, Јариње и Брњак.

Косовската полиција претходно наведе дека на Граничниот премин „Јариње“ е задржан осомничениот Дејан Пантиќ, поранешен припадник на Косовската полиција, поради основано сомнение за вмешаност во кривични дела тероризам и напад на уставниот поредок.

Пантиќ е осомничен за учество во организирање на нападот врз канцеларијата на Централната изборна комисија и напади врз службеници на ЦИК и Косовската полиција во вторникот во Северна Митровица и Зубин Поток.

Одложени вонредните избори на северот на Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, вчера ги одложи вонредните избори во четири општини на северот на Косово, закажани за 18 декември, за април 2023 година, поради немање безбедност за нивно одржување.

Во Северна Митровица и Звечан во последните денови се забележани инциденти поради подготовките за одржување на вонредните избори во четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово, откако српските претставници, поради одлуката за регистарските таблички, ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството.

Курти: Барикадите веднаш да бидат отстранети

Премиерот на Косово Албин Курти по повод најавените пречки на патиштата на северот на Косово изјави дека барикадите на „маскираните криминалци“ мора веднаш да бидат отстранети.

Косовскиот премиер рече дека Србија веќе неколку дена му се заканува на Косово со агресија и дека претседателот и премиерката на Србија се повикуваат на враќање на српската војска на Косово.

„Илјада војници велат, повикувајќи се на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН (1999). Тие сакаат двојно враќање. Прво, кое е од времето на Милошевиќ и војната. Второ, прашањето на Косово да се врати во ОН и што подалеку од ЕУ. Како реакција на предлогот на ЕУ кој го поддржуваат Франција и Германија (и САД) тие сакаат да се вратат во СБ на ОН каде се наоѓа ветото на Русија (и Кина)“, оцени Курти.

Тој порача дека не сакаат судир, туку мир и напредок, но дека „на агресија ќе одговориме со целата сила која ја имаме.“

Вучиќ: Ќе бараме од КФОР распоредување на српска војска и полиција во Косово

Претходно, во текот на вчерашниот ден, претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека Белград го усогласил текстот во кој во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, ќе биде упатено барање на командантот на КФОР да обезбеди распоредување на припадници на војската и полицијата на Србија на теротиријата на Косово и додаде дека одлуката на српската Влада за тоа ќе биде донесена во понеделник или вторник.

Во текот на обраќањето на српската јавност, Вучиќ истакна дека „нема никакви илузии“ и дека знае дека таквото барање ќе биде отфрлено, но истакна дека КФОР би „морал“ да го прифати тоа барање.

TRT Balkan / агенции
Популарни