Косовскиот премиер Курти се сретна со папата Франциск во Ватикан

Косовскиот премиер Курти се сретна со папата Франциск во Ватикан

Курти на оваа средба рече дека Косово е за мир, дијалог и соработка.
Косовскиот премиер Курти се сретна со папата Франциск во Ватикан / Photo: Влада на Косово

Премиерот на Косово, Албин Курти, во рамки на посетата на Ватикан беше примен на средба од страна на папата Франциск.

Според соопштението од Кабинетот на косовскиот премиер, Курти изразил благодарност за „љубезното гостопримство во Ватикан“.

На оваа средба Курти нагласи дека Република Косово е за мир, дијалог и соработка.

„Со папата Франциск разговараа за младите и иднината, за ликот, делото и наследството на Мајка Тереза, и за мултирелигискиот соживот на Косово“, се наведува во ова соопштение.

Курти го информираше шефот на Ватикан за демократските и економските успеси на Косово и за досегашните достигнувања на Владата, нагласувајќи го фактот дека „тие се првата влада која дели надоместоци за идните мајки и децата до 16, како политика за нивна поддршка“.

Курти и папата Франциск се согласија дека треба „секогаш да бидат блиску и со луѓето на кои им треба љубов и правда“.

Ова беше прва официјална посета на премиерот Курти на Ватикан и прва средба со папата Франциск.

По посетата на Ватикан, премиерот Курти во текот на денот се очекува во Брисел да се сретне со високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел. На оваа средба е поканет и српскиот претседател Александар Вучиќ за деескалација и нормализација на односите помеѓу Косово и Србија.

TRT Balkan / агенции
Популарни