Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, соопшти дека Владата донела одлука за воспоставување структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија (ЕУ) до 2030 година.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, одржаа заедничка прес-конференција, на која се осврнаа на структурата за координација на пристапните преговори со ЕУ.
Премиерот Ковачевски истакнувајќи дека главен преговарач на Северна Македонија за пристапување во Европската Унија ќе биде вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, рече дека целта е земјата да стане членка на ЕУ до 2030 година.
„Завршување на преговорите до 2030 година е целта која си ја поставуваме. Таа е реална и достижна. И јас сум силно убеден дека во следното проширување на Унијата ќе биде и Северна Македонија. Ќе работиме постепено за да нашата земја биде еднаква со сите други земји членки“, нагласи премиерот Ковачевски.
Нагласувајќи дека структурата на преговарачкиот тим е договорена и дека има целосна доверба во капацитетот на Секретаријатот за европски прашања да ги води преговорите со Унијата, премиерот упати апел до опозицијата да се да вклучи и да го помогне овој процес за да може да биде завршен што побрзо.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, на прес-конференцијата се осврна на ревидираната структура за координација на пристапните преговори.
„Заради зголемена ефикасност на функцијата при водење на преговорите се воспоставува функцијата главен преговарач, функција која ќе ја вршам јас како заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, а која ги спојува и политичките и техничките елементи од преговорите“, нагласи Маричиќ.
На новинарско прашање во однос на посетата на Бугарија, премиерот Ковачевски рече дека на разговорите ќе стане збор и за снабдувањето со електричната енергија.
„Оние коишто повеќе се запознаени со електро-енергетскиот сектор знаат дека Бугарија е извозник на електрична енергија со оглед на тоа дека поседува нуклеарна централа во Козлодуј“, рече Ковачевски, додавајќи дека како соседни две држави ќе разговараат и за други прашања.