Ковачевски: Европската иднина да се постави пред политичките разлики / Photo: AA Archive

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, упати апел за единство и нагласи дека постигнувањето на заедничките национални и општествени цели во Северна Македонија треба да се постави пред политичките и идеолошките разлики.

На прес-конференцијата со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, во врска со скрининг-процесот за интеграцијата на земјата во Европската Унија (ЕУ), премиерот Ковачевски истакна дека овој процес се одвива со очекуван ритам.

Ковачевски, исто така, укажа на важноста на зачувувањето на моментумот за време на целиот процес во преговорите со ЕУ.

Според него, фокусот на Владата е спроведување на агендата на реформите, а граѓаните почнале да ги чувствуваат придобивките од преговорите со ЕУ.

Тој нагласи дека „сега сѐ е во наши раце и од сите нас зависи подобриот живот на граѓаните и европската иднина на земјата“.

„Некои одлуки треба да ги донесеме за сите граѓани на Северна Македонија, нивната иднина е пред сите политички и идеолошки разлики“, рече тој.

Ковачевски истакна дека досега имале квалитетни презентации во сите поглавја, но според него, остануваат отворени прашањата на кои треба во следниот период да се фокусираат. Тој укажа на реформата во јавната администрација, механизмите за владеење на правото и борбата против корупцијата.

„Овие теми ќе бидат отворени во текот на целиот преговарачки процес и затоа очекувам секоја институција да е на ниво на задачата и одговорно да пристапи кон овој процес. Ова е историски процес кој секоја држава го поминува само еднаш“, додаде Ковачевски.

Северна Македонија се очекува годинава да се соочи со предизвикот на уставните измени, кои остануваат еден од критериумите за продолжување на преговорите со ЕУ. Во моментов, Собранието на земјата го нема потребното мнозинство од 80 пратеници за да ги поддржи овие измени, додека функционерите на власт велат дека работат на ова прашање и сигнализираат дека има простор за проширување за „сите кои го поддржуваат европскиот пат“.

Потсетуваме, минатата година Северна Македонија ги започна преговорите за членство во ЕУ, но суштинските преговори за поглавјата нема да започнат без уставните измени за вклучување на бугарското малцинство во Уставот, што е предвидено во договорот на земјата со Бугарија врз основа на „францускиот предлог“ за решавање на споровите меѓу двете земји поврзани со историски прашања, македонскиот јазик и идентитет.

TRT Balkan / агенции
Популарни