Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со премиерот на Албанија, Еди Рама, имаа заедничка средба со претседателот на Украина, Владимир Зеленски. Според владиното соопштение, Ковачевски бил придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, а средбата се одржа на маргините на вториот Самит на Европската политичка заедница во Кишињев.
Ковачевски ја истакнал силната поддршка што Северна Македонија ѝ ја дава на Украина од почетокот на воената агресија од Русија врз Украина во февруари минатата година.
„Северна Македонија ја осуди бруталната воена агресија што Русија ја врши врз независна и суверена Украина. Ги поддржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да го трасира самостојно својот пат. Обезбедивме и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка во секоја форма што ѝ е потребна на Украина“, нагласи Ковачевски.
Претседателот на Украина, Зеленски, се заблагодарил за поддршката што украинскиот народ ја добива од Северна Македонија и рекол дека таа доаѓа во клучни моменти.
„Не правевте калкулации, бевте покрај нас од првиот ден и украинскиот народ и ние го цениме тоа“, додаде Зеленски.
„Премиерот Ковачевски потсети дека Северна Македонија е дел од основачката група за формирање Посебен меѓународен суд за кривичните дела од агресијата, со што јасно се позициониравме и овој пат на вистинската страна на историјата“, се нагласува во соопштението на Владата на Северна Македонија.
Се додава дека Украина е меѓу приоритетите при претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, и дека Северна Македонија ја поддржува евроатлантската интеграција на Украина и посветеноста на политиката на отворени врати на НАТО.