Ковачевски: Не очекувам зголемување на цената на електричната енергија / Photo: AA

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, рече дека не се очекува во наредниот период да има зголемување на цената на електричната енергија.

Премиерот Ковачевски говореше на панелот „Северна Македонија како зелен енергетски хаб – како да се претвори кризата во можност“, во рамките на годишната конференција „Година на нови можност" која се одржува во Скопје.

Тој истакна дека во Северна Македонија е зголемено производството на електрична енергија, со што е постигнато намалување на цената на производство на електрична енергија, како и зависноста од увоз.

„Што е најважно, за малите компании, цената на електричната енергија се намали за 20 проценти, значи за компании кои вработуваат 98 проценти од вработените во државата“, рече премиерот Ковачевски, додавајќи дека не се очекува во наредниот период да има зголемување на цената на електричната енергија.

Тој, исто така, нагласи дека благодарение на добрата соработка со земјите од регионот, вклучувајќи ја и Туркије, е овозможено енергетските капацитети да работат со полн капацитет.

Ковачевски рече дека неодамна во текот на еден ден се произведени над 21.000 мегават/часови електрична енергија, што е најголемо производство за еден ден во изминатите 10 години.

На панелот говореше и министерот за економија, Крешник Бектеши, кој рече дека земјата вложила напори за диверзификација на изворите за снабдување со природен гас и либерализација на пазарот.

„Најважно од сè е дека природниот гас кој моментално се увезува е од ЛНГ терминалите во Турција [Туркије] и еден дел во Грција, што значи дека имаме различни извори од тоа што сме имале претходно и не сме зависни само од еден извор, кој беше претходно Гаспром", рече Бектеши.

Исто така, на панелот учествуваа и Васко Ковачевски, генералниот директор на АД ЕСМ, Марко Бислимовски, директор на Регулаторната комисија за енергетика, проф. Антон Чаушевски, советник во Кабинетот на премиерот, и Кочо Анѓушев, претседател на Македонската енергетска асоцијација.

Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, изрази задоволство од зголеменото производство на електрична енергија, додавајќи дека компанијата презела обврска за снабдување со електрична енергија по пониски цени согласно владините мерки.

Директорот на Регулаторна комисија за енергетика, Бислимовски, истакна дека се зголемени инвестициите во обновливите извори. Тој истакна дека годинава се очекува производство на 250-300 мегавати од обновливи извори, воглавно од фотоволтаици.

Дводневната конференција „Година на нови можности“, која започна вчера, се одржува со цел констатирање на резултатите од работата на Владата во изминатата година и на предизвиците и перспективите на општествено-политички план во претстојната година.

TRT Balkan / агенции
Популарни