Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на лидерскиот панел на Бледскиот стратегиски форум изјави дека Европската Унија мора да ги валидира волјата и подготвеноста за проширување бидејќи Северна Македонија веќе се докажа како добар и активен партнер во НАТО, јавува Анадолу.
Како што истакна, 80 отсто од граѓаните на Северна Македонија се за членство во Европската Унија, но тие 80 отсто се и против блокадите што доаѓаат од земјите членки, а кои ги користат за внатрешнополитички цели.
Европската Унија, како што нагласи, мора да ги валидира волјата и подготвеноста за проширување бидејќи Северна Македонија веќе се докажа како добар и активен партнер и во НАТО.
„Ако направите паралела со ЕУ, тогаш тоа е многу поврзано, пред сѐ, поради поврзаноста на економиите. Се сретнав со Македонци кои работат овде, запознав и македонски студенти што работат во Словенија кои ме замолија: направете сè да ја ставите нашата земја во ЕУ, сакаме да се вратиме дома и да работиме во земја на ЕУ дома, а не овде во Словенија“, рече Ковачевски за време на лидерскиот панел на тема „Солидарноста како глобална безбедност“.
Тој нагласи дека во светлина на членството во ЕУ има желба Северна Македонија да продолжи со напредокот, а Европската Унија да најде сила за проширувањето да го стави на приоритетно место.
Доколку се случи тоа, како што рече, целта за проширување на Западен Балкан во 2030 година изгледа остварлива.
„Во секој поглед, меѓу сите кандидати, во однос на примената на условите, Северна Македонија моментално е најдобар кандидат за членство во Европската Унија“, заклучи Ковачевски.