Ковачевски: Предизвиците ги претвораме во можности со пример за дијалог / Photo: AA

Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на официјалното отворање на Преспа форумот за дијалог (ПФД), што се одржува вчера и денеска во Струга.

Ковачевски синоќа ја отвори сесијата: „Договорот од Преспа за пет години: предизвиците претворени во можности“, на којашто присуствуваа претставници на високо политичко ниво од регионот и од Европската Унија (ЕУ) и Обединетите Нации (ОН).

Во својот говор, Ковачевски ја поздрави храброста и визијата на поранешните премиери на Северна Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, кои постигнаа договор и на 2018 година го потпишаа Преспанскиот договор со кој се реши спорот за името.

Тој рече со Договорот од Преспа е обновена вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка.

„Република Северна Македонија покажа дека ниту еден искрен напор, не е залуден. Кога велам дека постои доказ, тогаш најдобар доказ е Договорот од Преспа, којшто пред 5 годни беше решение на билатерален спор, а денес е модел за перспективи за иднината“, рече Ковачевски.

Тој истакна дека секогаш постоеле предизвици, додавајќи е потребно искрено и одговорно лидерство предизвиците се претвораат во можности.

„Успехот е во тоа да умееме сите заедно предизвиците да ги претвориме во можности и да продолжиме по патот на напредокот. Република Северна Македонија, во таа насока е пред нов предизвик, кога треба сите во државата да покажеме одговорност за европската иднина на државата и по членството на НАТО, да станеме членка на ЕУ. И јас сум убеден и работам на тоа да се израдуваме со успех", додаде тој.

Ковачевски истакна дека ЕУ отсекогаш му била потребна на Западен Балкан, но според него, денес и Западен Балкан ѝ е потребен на ЕУ, додавајќи дека ова е момент што Северна Македонија не смее да го пропушти.

Мишел: Преспанскиот договор покажува дека и најтешките пречки може да се надминат

На официјалното отворање преку видео обраќање учествуваше и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Тој рече дека овогодинешниот ПФД доаѓа во време на предизвици и за Европа и за Северна Македонија.

Мишел рече дека годинава се навршуваат пет години од потпишувањето на историскиот Преспански договор со кој се реши еден од најдолгите спорови на Западен Балкан.

„Овој договор покажува дека и најтешките пречки може да се надминат со храброст, лидерство и одговорност, за доброто на сите“, нагласи тој.

Мишел потсети дека пред една година со Северна Македонија ја одржаа првата меѓувладина конференција во процесот за членство на земјата во ЕУ.

„Со тековниот скрининг процес, вие правите содржаен напредок на вашиот пат кон ЕУ. Убеден сум дека тоа ќе продолжи“, додаде тој.

Мишел рече дека со руската инвазија врз Украина, војната се вратила на континентот Европа. „Како европски пријатели, стоиме со народот на Украина во овој мрачен час. Сметаме дека најдобриот начин за заштита на мирот и безбедноста во Европа е ширење на демократијата и просперитетот во духот на почит и соработка“, рече Мишел.

Тој ја коментираше и годинешната тема на ПФД, нагласувајќи: „Европската унија ќе биде покрај вас, на секој чекор од патот. Затоа што те сакаме во ЕУ. Можете да сметате на мојата целосна поддршка“.

Инцидент со големиот екран за време на свеченото отворање

За време на свеченото отворање, се случи инцидент со големиот екран поставен во позадина. Поради ветерот, се преврте дел од екранот, при што за момент беше прекинат панелот.

На крајот на панелот, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, изрази жалење за инцидентот, заблагодарувајќи и се на модераторката Валбона Зенели за начинот на кој ја смирила и надминала ситуацијата.

„Почитувани екселенции, најпрво дозволете ми да се извинам за непријатностите. Сакам да се и извинам и да и се заблагодарам на Валбона за покажаната храброст и нејзиниот дух. Ова е потсетник дека бурните времиња сè уште се тука на Балканот, но ние денеска покажавме дека можеме многу брзо да започнеме одново“, рече Османи.

TRT Balkan / агенции
Популарни