Високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина (БиХ), Кристијан Шмит, денеска ги повика политичарите во Босна и Херцеговина на конечен договор за формирање на власта во Федерацијата БиХ.
„Уставниот рок за формирање на Владата на Федерацијата (ФБиХ) истече, што значи дека изборните резултати не можат целосно да се спроведат иако има мнозинска поддршка во двата дома на Парламентот на Федерацијата за гласање за Владата“, рече Шмит.
По многубројните разговори, тој ги потсети сите политички актери на нивната одговорност да им овозможат на владините институции да си ја вршат својата работа.
Шмит потсети дека продолжувањето на работата на актуелната Влада на Федерацијата, која е во технички мандат повеќе од четири години, нема да биде во согласност со вообичаената демократска практика и нема да ја одразува волјата на гласачите.
„Федерацијата се наоѓа во политички застој, таа е во раскол меѓу политичките блокови бидејќи тука не се работи за фундаментално несогласување за структурата на Федерацијата или за улогата на конститутивните народи и останатите. Тука станува збор за борбата на политичките партии за моќ, а не за борба за опстанок на народот“, рече Шмит.
Тој нагласи дека конститутивните народи и другите имаат свое место врз основа на она што е предвидено во Уставот и тоа е она што мора да се почитува.
„Оваа борба меѓу политичките партии, која всушност е борба за моќ и превласт, може и мора да се реши. Максималистичките барања, етнонационалистичките тактики за заплашување и неприфаќањето на политичката реалност нема да ѝ помогнат на Федерацијата да оди напред. Повеќето луѓе кои ги запознав се подготвени да одат напред и да соработуваат меѓу себе, само доколку некои политичари би престанале да им кажуваат дека не можат или не требаат. Овој моментален застој не може да потрае. Волјата на гласачите која беше изразена на октомвриските избори минатата година мора да стане политичка реалност, во спротивно демократијата тука нема смисла“, истакна Шмит.
Тој рече дека Федерацијата мора да функционира бидејќи за функционирање на државата е потребна силна ФБиХ.
„Граѓаните на оваа земја заслужуваат иднина и напредок во сопствената земја. Премногу работи се доведени во прашање во овој критичен момент за ситуацијата да може да продолжи. Оваа земја сега ја има шансата што ѝ е дадена преку кандидатски статус“, објасни Шмит.
Тој смета дека одговорните политичари треба да ги остават настрана партиските и индивидуалните интереси и да ги признаат веќе интересите на Федерацијата, државата и нејзините граѓани.
„Мора да работат конструктивно, без разлика дали се на власт или во опозиција. Опозицијата е нераскинлив дел од демократијата. Очекувам политичарите да излезат со решение за да се надмине безизлезната состојба што настана и да продолжат што е можно поскоро со формирање влада која има поддршка од парламентарното мнозинство.Тоа е нивна обврска што ја имаат кон гласачите“, рече Шмит.
Тој истакна дека доколку одговорните политичари се откажат од оваа одговорност, решен е да се погрижи да се почитува волјата на граѓаните и да имаат влада која работи во нивно име.
„Без разлика на кого се однесува ова, бидете сигурни дека ова е последен повик да се вразумат. Очекувам дека ова наскоро ќе биде успешно решено. Нема да има дополнителен финален повик“, заклучи високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.