Министерката за правда на Словенија Доминика Шварц Пипан се сретна со премиерот Роберт Голоб и му врачи извештај за деталите за спорната набавка на судската палата на улицата Литијска во Љубљана, потврдија од Кабинетот на премиерот.
Деталите од извештајот се уште не се познати. Неофицијално, словенечкиот премиер Голоб се уште нема намера да ја потпише нејзината оставка.
„Премиерот се уште ја нема добиено мојата оставка, прво ќе го добие извештајот“, изјави Шварц Пипан.
Според неофицијални информации, кругови блиски до министерката сугерираат дека таа нема да поднесе оставка оваа недела. Се уште не е јасно како ќе одлучи словенечкиот премиер.
Министерката за правда и нејзината матична партија Социјални демократи (СД) се најдоа во центарот на скандал откако министерството плати 7,7 милиони евра за купување на простории на улицата Литија во Љубљана, а не наредила сопствена проверка на цената на зградата.
Наместо тоа прифатиле нарачана проценка од продавачот, бизнисменот Себастјан Вежнавер. Тој, пак за неа платил 1,7 милиони евра во 2019 година.
Во изминатите неколку недели, Шварц Пипан, со поддршка на премиерот Голоб, почна да ги расветлува околностите на споменатата набавка. Шварц Пипан вчера го информираше премиерот за нејзините конечни сознанија. По минатонеделната понуда за оставка, таа се договорила со Голоб за тоа да го извести во рок од седум дена.
Ако Шварц Пипан поднесе оставка, Голоб ќе ја испрати во Парламентот, а додека најде нов нов кандидат самиот би ја управувал министерската позиција.
Како што објасни Шварц Пипан во изминатите недели, таа била измамена при купувањето, но прстот го вперила кон некои функционери во министерството и сопартијци, меѓу кои е и генералниот секретар на СД, Клемно Жиберт, кој исто така поднесе оставка од таа функција.
Истражувањето спроведено од Медиана покажа дека поддршката за СД паднала од 7,5 отсто во јануари на едвај 2,6 отсто. Од друга страна, претседателката Тања Фајон заврши на дното на листата на популарност на политичарите.