Курти до КФОР и ЕУЛЕКС: Неопходно е да се отстранат барикадите на северот / Photo: Кабинет на Премиерот на Косово

Неопходно е да се врати слободата на движење и да се отстранат барикадите од патиштата, беше заклучено на средбата на косовскиот премиер Албин Курти со командантот на мировните сили на НАТО на Косово (КФОР), генерал-мајор Анџело Микеле Ристучи, и шефот на ЕУЛЕКС, Ларс Гунар Вигемарк.

На средбата во Кабинетот на премиерот, на која присуствуваа вицепремиерот задолжен за дијалог Бесник Бислими и министерот за внатрешни работи Џељаљ Свецла, се разговараше за блиската соработка на Владата на Косово, КФОР и Мисијата на ЕУЛЕКС во рамка на нивниот мандат, соопшти Владата на Косово.

Како што се наведува, на средбата се разговарало и за активностите на „криминалните структури на северот на Косово кои сериозно влијаат на безбедноста на земјата“.

„Заеднички заклучок од оваа средба е да се врати слободата на движење и да нема барикади на ниту еден пат“, се наведува во соопштението.

На средбата беше договорено „продолжување на блиската меѓуинституционална соработка и координација на дејствување, во служба на мирот и безбедноста на сите граѓани на Косово, што е заедничка цел и приоритет на институциите на Косово, КФОР и ЕУЛЕКС“.

Истакната е докажаната професионалност, претпазливост и храброст на Косовската полиција во одржувањето на безбедноста и јавниот ред на целата територија на Косово.

Претходно, мисијата на НАТО на Косово (КФОР) соопшти дека се истражува инцидентот од 25 декември со индиректен оган во непосредна близина на патролата на НАТО-КФОР.

„Во инцидентот учествувале непознати вооружени лица. Нема повредени и нема материјална штета, а се работи на расветлување на сите факти“, се соопштува.

Беше посочено дека, бидејќи се планирани средби на сите страни, важно е сите инволвирани да избегнуваат каква било реторика или дејствија што можат да предизвикаат тензии и ескалација на ситуацијата.

Локалните Срби веќе две недели со тешка машинерија ги блокираат патиштата на северот на Косово, поради апсењето на Дејан Пантиќ, поранешен припадник на Косовската полиција, осомничен за напад на службениците на Централната изборна комисија на Косово. Неколку дена подоцна беше уапсен и Слаѓан Трајковиќ, уште еден поранешен припадник на Косовската полиција, кој беше обвинет за терористички акти. На двајцата им е одредена мерка притвор од 30 дена.Косовската полиција на 10 декември, кога беа поставени барикади на патиштата, затвори два гранични премини на северот на Косово, Јариње и Брњак, за движење на луѓе и стока.

TRT Balkan / агенции
Популарни