Курти ги повика Србите да учествуваат на изборите на северот на Косово / Photo: AA

Премиерот на Косово Албин Курти во Собранието на Косово изјави дека институциите ги вршат сите подготовки за претстојните вонредни локални избори во четири општини на северот на Косово, кои се закажани за 23 април.

Курти нагласи дека е свесен дека изборите на северот се разликуваат од другите општини, поради опструкциите на Србија во тој дел на Косово со мнозинско српско население.

Тој ги повика Србите во што поголем број да учествуваат на тие избори.

„Ги повикувам граѓаните на северот да гласаат за кандидатите за градоначалници на општините. Многу е важно сите граѓани таму да излезат да гласаат, а ние ги вршиме сите подготовки. Свесни сме дека таму изборите не се исти како во албанските општини, бидејќи опструкциите на Србија се поголеми и во медиумите и во однос на преостанатите паралелни структури, рече Курти.

На вонредните избори се избираат градоначалници на четири општини на северот на Косово, Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, како и советниците на општинското собрание Звечан и Лепосавиќ.

Според официјалните рокови утврдени од Централната изборна комисија на Косово, изборната кампања започна на 4 април, а ќе заврши на 21 април. ЦИК за изборите за градоначалници завери 11 кандидати, а за двете општински собранија завери повеќе од 60 кандидати.

Српската листа не се пријави на овие избори.

Четири општини на северот на Косово и понатаму се без градоначалник, кои на 5 ноември минатата година, поднесоа оставки поради одлуката на косовската Влада за задолжителна пререгистрација од старите српски на РКС таблици.

Градоначалниците и советниците од Српска листа тогаш како услов за враќање во косовските институции наведоа повлекување на одлуката за пререгистрација на возилата, но и формирање на Заедницата на општините со српско мнозинство во Косово.

Србите од северот тогаш ги напушија и полицијата и правосудството.

Вонредните избори во општините на северот на Косово, првично закажани за 18 декември односно 25 декември минатата година, претседателката на Косово Вјоса Османи ги одложи за април поради лошата безбедносна ситуација на северот и нападите врз службениците на ЦИК.

TRT Balkan / агенции
Популарни