Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека косовските безбедносни и разузнавачки институции го истражуваат зголемувањето на ризикот од насилни напади и ги повика сите граѓани, особено Србите, да бидат внимателни и да се воздржат од исценирано и злонамерно насилство.
Курти на почетокот на седницата на Владата на Косово рече дека многу нешта се поинакви од паравоениот, терористичкиот и криминалниот напад од 24 септември во Бањска. Тој посочи дека сѐ би било поинаку доколку не биле неутрализирани терористичката група и нивните планови за анексија на четири општини на северот на Косово во првиот чин.
„Нашите безбедносни и разузнавачки институции неодамна го истражија зголемувањето на ризикот од организирање насилни напади од групи српски криминални структури на Косово. Нивната главна цел е да ја обвинат косовската полиција и да ја претстават како сила на угнетување врз косовските Срби. За да го постигнат тоа, не поставија горна граница на цената“, рече Курти.
Тој истакна дека тие структури се охрабрени од поддршката од државата Србија, од една страна третирајќи ги како херои и паднати борци, а од друга страна со интензивирањето на активностите на војската покрај границата со Косово.
„Тие се обидоа да ја променат реалноста на теренот со организирани и координирани паравоени акции. Не успеаја. Го злоупотребија манастирот Бањска, со цел да им дадат верска боја на настаните од 24 септември. Повторно не успеаја. Сега, криминалните формации спонзорирани од нашиот северен сосед, во нивните дестабилизирачки сценарија, многу е веројатно дека ќе ги злоупотребуваат етничките разлики за политички цели“, рече Курти.
Косовскиот премиер оцени дека ослободувањето на Милан Радоичиќ, неполни 24 часа по неговото апсење, е доказ и сигнал за потенцијалот за прегрупирање и одмазда, бидејќи на 24 септември, официјален и воен Белград не успеа.
Тој додаде дека 23 години по соборувањето на режимот на Милошевиќ, сегашниот српски режим никогаш не наликувал на Србија на Милошевиќ, по погледи и цели, по однесување, методи и постапки.
„Затоа ве повикувам, особено вие почитувани српски сограѓани, во наредните денови, недели и месеци да бидете внимателни и да се воздржите од исценирано и злонамерно насилство. Во Косово сите сме еднакви граѓани бидејќи државата е правна, а општеството е демократско. Нема непожелни заедници. Албанци, Срби, Бошњаци, Турци, Ашкали, Роми, Египќани, Горанци и сите останати, живеат и работат заедно насекаде во нашето сакано, мирно и проевропско Косово“, рече Курти.
Тој ги повика граѓаните да се потпрат на косовската полиција, да пријават сомнително однесување на непознати лица и да не наседнуваат на непотврдени пријави и дезинформации.