Премиерот на Косово, Албин Курти, го прифати барањето поднесено од министерот за враќање и заедници во Владата на Косово, Ненад Рашиќ, да му се дозволи на патријархот на Српската православна црква да влезе во Косово во рамки на подготовките за православниот Божиќ.
Според соопштението на Кабинетот на премиерот на Косово, патријархот Порфирие соопштил дека попладнево ќе дојде на граничниот премин меѓу Косово и Србија и дека сака да влезе на косовската територија без неговите телохранители, иако не поднел барање за посета според одредбите од договорот.
„На министерот Рашиќ, премиерот Курти му одговори позитивно. Најавата на патријархот Порфирие дека планира да влезе во Косово без телохранител е уште еден доказ дека Косово е побезбедна земја од Србија“, се вели во соопштението на Кабинетот на премиерот.
Патријархот Порфирие поднел официјално барање за влез во Косово на 26 и 28 декември 2022 година, но на 26 декември Министерството за надворешни работи и дијаспора (МПЈД) на Косово соопшти дека посетата на Порфирие е условена.
Министерството за надворешни работи нагласи дека неговата посета на Косово може да биде одобрена само откако Српската православна црква ќе ги осуди, или ќе се огради од постапките на припадниците на СПЦ, кои, според Министерството, илегално влегле во Косово давајќи им отворена поддршка на криминални групи на северниот дел на земјата, кои беа одговорни за барикадите поставени таму во период од неколку недели.