Курти оцени дека Косово во споредба со регионот не само што е подготвено за кандидатски статус, туку и за отворање на преговорите / Photo: AA

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека Косово ги исполнило сите барања на ЕУ за укинување на санкциите, кои му беа наметнати поради ситуацијата на северот на земјата.

На шестиот состанок на Министерскиот совет за евроинтеграции, Курти оцени дека Косово во споредба со регионот не само што е подготвено за кандидатски статус, туку и за отворање на преговорите и многу поглавја кон членство. Тој ја повика и Европската унија да ги укине важечките мерки против Косово.

„Мерките кои се на сила против Косово се во спротивност со напорите на регионот за забрзана интеграција во Европската унија, особено со Планот за раст и неговите цели. Од друга страна, продолжуваме со нашите напори да отвориме повеќе можности во рамките на реформскиот дијалог со ЕУ. Во тој контекст, ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на рестриктивните мерки и овие мерки мора да бидат отстранети“, изјави Курти, соопшти Владата на Косово.

Да потсетиме, на Косово му беа воведени санкции во јуни минатата година по ескалацијата на безбедносно-политичката ситуација во четири општини на северот со мнозинско српско население, откако албанските градоначалници и полицијата влегоа во општинските згради, на што локалното население се спротивстави со насилни протести.

Владата на Косово тогаш постигна договор со ЕУ да го намали присуството на специјалните единици на косовската полиција во тие општини и да организира вонредни локални избори.

Сепак, српската заедница го бојкотираше гласањето за смена на албанските градоначалници на 21 април, исто како што ги бојкотираше вонредните избори во април минатата година.

AA
Популарни