Курти: Косовскиот преговарач во Брисел во обид да се постигне договор / Photo: AA

Премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека неговиот заменик и главен преговарач, Бесник Бислими, денеска е во Брисел, каде што можеби ќе има состанок во обид да се постигне договор за прашањето на регистарските таблички во рамки на 48 часа, колку што е поместен рокот за почетокот на изрекување парични казни за возилата кои не се пререгистрирани на таблички на РКС (Република Косово).

Курти денеска на почетокот на седницата на Владата рече дека Косово има добра волја за постигнување договор и дека нема ниту омраза ниту гнев.

„Во дијалогот сме најактивна, најкреативна и најконструктивна страна. Истото не може да се каже за другата страна која се заканува со насилство. Кон Европската Унија често сум бил критичен, но никогаш огорчен. Во таа насока беше и мојата критичка изјава во Брисел кон високиот претставник и специјален пратеник на ЕУ, кој се откажа од предлогот на Европската Унија“, рече Курти.

Косовскиот премиер наведе дека високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, на состанокот во Брисел пред два дена, повеќе се приспособил на целта на Србија во врска со прашањето за нелегалните регистарски таблички и дека го тргнал прашањето за итно фокусирање на европскиот предлог за нормализација на односите на Косово и Србија.

Курти истакна дека во поканата на Борел за состанокот имало четири параграфи во кои првиот и третиот се однесувале на предлогот на ЕУ, поддржан од Германија и Франција, за нормализација на односите меѓу Косово и Србија пред март 2023 година.

Тој истакна дека во понеделникот, на крајот од состанокот, пратеникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, во последен обид дошол кај косовската делегација со нов текст во кој бил опфатен и предлогот на ЕУ, но тој предлог Србија го одбила, а во исто време Борел држел прес-конференција на која го критикувал Косово.

По трилатералниот состанок меѓу премиерот Курти, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и високиот претставник на ЕУ, Борел, во понеделникот во Брисел, Борел соопшти дека не е постигнат договор за регистарските таблички. Тој рече дека Вучиќ го прифатил предлогот на ЕУ, додека Курти не. Борел истакна дека очекува Косово веднаш да ја прекине следната фаза за казнување поради табличките, а Србија да го прекине издавањето таблички со ознаки на косовските градови.

Истиот ден, нешто по полноќ, косовскиот премиер Курти соопшти дека го прифаќа барањето на амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер, за 48-часовно одложување на одлуката за изрекување парични казни, која истекува утре.

Курти на седницата на Владата рече и дека одлуката за санкционирање поради старите регистарски таблички издадени од Србија е донесена по шестмесечни преговори за регистарските таблички, од септември минатата година до април годинава.

Истакна дека никој не е задоволен да се спроведува казнување, но дека тоа е законска обврска. Додаде дека оставките, па враќањето на пратениците од Српската листа во Собранието на Косово се прашања на трговија.

Иако САД и ЕУ побараа од премиерот Курти да ја одложи одлуката за регистарските таблички за десет месеци, Владата на Косово на 28 октомври, два дена пред истекот на рокот за пререгистрација на возилата, одлучи да воведе постепено санкционирање на возилата со српски регистарски таблички.

Веднаш по примената на првата фаза од санкционирањето на 1 ноември, која се однесуваше на изрекување опомени, директорот на Полицијата на Косово за регионот Север, Ненад Ѓуриќ, одби да ја спроведе таа одлука, поради што Приштина го суспендира. Потоа, на 5 ноември, претставниците на косовските Срби соопштија дека ги напуштаат косовските институции на централно ниво и во сите четири општини на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население. Ги напуштија и полицијата и судството.

Според владината одлука, по првата фаза следува фаза на казнување во износ од 150 евра, која требаше да почне на 21 ноември и да трае до 21 јануари. Во третата фаза до 21 април 2023 година ќе се издаваат пробни таблички, а од 21 април воопшто нема да бидат дозволени старите таблички, кои се толерираа само на северот на Косово и ги има околу девет илјади.

Крајниот рок за пререгистрација на возилата во таблички на РКС, со финансиски поволности, е 31 март 2023 година.

TRT Balkan / агенции
Популарни