Курти на средба со Лајчак за нормализација на односите Косово-Србија / Photo: AA Archive

Состанокот не беше лесен, но беше многу отворен, изјави специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, по средбата со претставниците на Соединетите Американски Држави (САД), Германија, Франција и Италија со премиерот на Косово Албин Курти.

На состанокот со косовскиот премиер учествуваа советниците на германскиот канцелар и францускиот претседател Јенс Плотнер и Емануел Боне, советникот на италијанскиот премиер Франческо Мариа Тало и заменик помошникот на секретарот на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар.

Во кусата изјава за медиумите Лајчак рече дека разговарале за европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој веќе бил претставен на средбите во септември и декември. Тој посочи дека се очекува подобро разбирање на оваа понуда и изрази надеж дека ќе се постигне целосно разбирање и „корисен потенцијал на овој предлог“.

„Поминавме повеќе од два часа со премиерот. Состанокот беше долг, не беше лесен, но беше многу искрен и отворен. Рано е за некои драматични изјави бидејќи, како што знаете, сме на средина на мисијата и продолжуваме за Белград, па не можам многу да кажам“, рече Лајчак.

Делегација на специјални пратеници и советници од Приштина заминува во Белград, каде попладнево ќе разговара со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

TRT Balkan / агенции
Популарни