Косовскиот премиер Албин Курти денеска ја оцени како неправедна одлуката на Советот на Европската унија за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово, кои поседуваат српски пасоши издадени од Координативната управа.
Одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на реновираната Клиника за кардиохирургија во Универзитетскиот клинички центар на Косово, Курти рече дека Косово не може да влијае на одлуките на Брисел.
„Сметаме дека тоа е обесхрабрувачки. Иако државата Косово, Република Косово, го зајакна својот пасош како никогаш досега, немаме големи можности да влијаеме на одлуките на Брисел“, рече Курти.
Претседателството на Косово реагираше на одлуката на Советот на ЕУ, оценувајќи дека вклучувањето на Србите со нелегални пасоши издадени од Србија му штети на Косово и неговиот мултиетнички карактер, како и на самата Европска унија.
Претседателството наведува дека ваквата одлука го саботира процесот на интеграција на српската заедница на Косово и негативно се одразува на опфатот на владеењето на правото.
Во понеделникот Советот на Европската унија донесе одлука за укинување на визите за имателите на српски пасоши од Косово. Одлуката ќе се применува во сите земји од Шенген зоната, 20 дена по нејзиното објавување во Службениот весник на ЕУ.
„Советот усвои регулатива со која се осигурува дека целиот регион на Западен Балкан подлежи на истиот визен режим, со укинување на исклучокот што претходно важеше за имателите на српски пасоши издадени од Координативната администрација на Србија“, соопшти Советот на ЕУ.
Во ноември минатата година, Европската комисија предложи укинување на визите за граѓаните на Косово кои поседуваат само документи издадени од српските власти, по одлуката за укинување на визниот режим за граѓаните на Косово, која стапи на сила на 1 јануари 2024 година.