Косовскиот премиер Албин Курти пред почетокот на трипартитната средба со посредникот на ЕУ, Жозеп Борел и со српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека ќе се разговара за планот за имплементација.
Премиерот на Косово Албин Курти рече дека во Охрид дошол со добри намери да го потпише договорот со Србија за нормализација на односите. Тој, меѓутоа, додаде дека додека нема готов текст за планот на имплементацијата не може да има договор.
Курти од Охрид, непосредно пред состанокот со шефот на дипломатијата на ЕУ Џозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ во дијалогот помеѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, рече дека тука „дошол на разговори, туку на разговори за договор.“
„Ќе имаме разговори за планот за имплементација бидејќи нема таков текст. Додека нема завршување на разговорите нема договор. Договорот значи конечен и усогласен текст. Не дојдов на разговори за разговори, туку на разговори за договор“, рече Курти.
Курти информираше дека претходно имал состанок со премиерот на Северна Македонија Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски.
По состанокот одржан на 27 февруари во Брисел, високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Џозеп Борел изјави дека Косово и Србија постигнаа согласност околу Европскиот план, додека останува да се разговара за неговата имплементација.
Според официјалните најави, фокусот на денешниот состанокот на Вучиќ и Курти во Охрид со посредство на ЕУ ќе биде насочен кон финализација на Анексот за примена на планот на ЕУ за патот на нормализација на односите на Косово и Србија.