Курти предложи пет точки за излегување од кризата на северот на Косово / Photo: AA

Косовскиот премиер Албин Курти најави дека предложил пет точки со цел да се деескалира ситуацијата на северот на Косово и дека за да се намали присуството на специјалните единици на косовската полиција, прво е потребно итно повлекување на криминалните групи од северните општини.

Курти на прес-конференцијата рече дека планот утринава им го претставил на амбасадорите на земјите од Квинтата, а вчера телефонски разговарал со високиот претставник на Европската унија, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак. За неговиот предлог вчера го информираше и американскиот амбасадор Џеф Ховениер.

Курти рече дека ескалацијата на северот на Косово е последица на бојкотот на српските вонредни локални избори во април во четири северни општини, поради притисокот на Белград врз локалните Срби да ги бојкотираат изборите.

Во својот предлог од пет точки со конкретни чекори за излез од ситуацијата, Курти бара прво да се спроведе владеење на правото на северот, во смисла на идентификување на криминалните групи кои доведоа до насилството, а второ насилните групи веднаш да се оддалечат од северот.

Трето, косовската полиција и КФОР или ЕУЛЕКС да спроведуваат заеднички безбедносни проценки на секои 15 дена со цел да гарантираат безбедна средина, четврто, Владата на Косово, во координација со сите актери, да распише предвремени избори во четири општини на северот, и петто, Приштина и Белград да се вратат на дијалогот со посредство на ЕУ.

„Како што покажува хронологијата на развојот на настаните, од 5 ноември минатата година нашите одлуки ниту придонесоа за ескалација, ниту беа извор на ескалација на ситуацијата на северот на Косово. Должни сме да ги спроведуваме уставните одредби и закони на целата територија на Република Косово“, нагласи Курти.

Тој посочи дека Косово и Србија во февруари и март годинава договориле основен договор од Брисел и Охрид, кој треба да се спроведе.

Тој рече и дека најмногу насилства имало на 29 мај во Звечан, кога новиот општински претседател не бил во општинската зграда, што, како што рече, значи дека не се работи за претседателот, туку за криминални групи од кои извикуваа „ убиј, убиј“. Курти рече и дека на Косово нема насилство кога нема наредби од Белград.

Курти рече дека криминалните групи доаѓаат од Србија за да го дестабилизираат Косово и дека тие што ги нападнаа војниците и новинарите на КФОР мора да одговараат.

Прашан за коментар за предлог-статутот на Заедницата на општините со српско мнозинство, што албанскиот премиер Еди Рама го достави до Брисел, Курти рече дека адресата за тој модел за националните малцинства е во Белград.

„Нема сомнеж дека премиерот Рама смета дека тоа е вистинскиот модел, добар модел, но требаше да му го даде на претседателот на Србија како предлог за Албанците во Прешево, Медвеѓа и Бујановац, особено што член 8. точка 1 од Уставот на Република Албанија вели дека Република Албанија ги штити националните права на албанскиот народ кој живее надвор од нејзините граници“, нагласи Курти.

За санкциите на стратешките партнери кон Косово, Курти рече дека преземените мерки не се фер. Тој додаде дека слуша совети, но дека Владата на Косово одлучува сама затоа што сноси одговорност.

TRT Balkan / агенции
Популарни