Курти: Продолжуваме со консултации со партнерите за отворањето на мостот / Photo: AA

Премиерот на Косово Албин Курти денес повтори дека отворањето на главниот мост на Ибар во Митровица е праведно, неопходно и корисно за сите.

Курти на почетокот на седницата на Владата на Косово рече дека ставот на Владата за отворањето на мостот го пренел вчера и на командантот на КФОР Озкан Улуташ, како и резултатите од прелиминарниот извештај за стабилноста на мостот на Ибар, кој укажува дека мостот е стабилен, издржлив и функционален. Курти рече дека и тој и Владата на Косово длабоко веруваат дека слободата на движење и владееерто на законот од една страна и мирот и безбедноста од друга страна, се можни и потребни и на земјата и на општеството.

„Ќе продолжиме со консултациите и координациите со нашите партнери. Отворањето на мостот не е против никого, уште помалку против нашите партнери. Косово е нормална земја и неговите мостови треба да бидат нормални, што значи отворени“, рече Курти.

Мисијата на КФОР, предводена од НАТО, синоќа излезе со соопштение во кое потврди дека секоја одлука во врска со мостот на реката Ибар мора да се донесе преку политички дијалог и на координиран начин. „Во оваа смисла, ние продолжуваме целосно да го поддржуваме дијалогот меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ“, нагласи КФОР.

КФОР наведува дека е неопходно сите актери да се воздржат од еднострани декларации и дејствија кои можат да создадат тензии.

„КФОР има добри ресурси и е добро позициониран да ги преземе сите неопходни мерки за да продолжи да ја исполнува својата мисија на ОН“, рече КФОР.

Истовремено, амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Џефри Ховениер изјави дека во овој момент постои реален ризик поврзан со отворањето на мостот во Митровица, што може да влијае на безбедноста на војниците на НАТО, вклучително и американските војници.

„Веруваме дека овој ризик ја зголемува заканата, можноста за насилство и други проблеми, како за локалната заедница, така и за војниците на НАТО, вклучително и американските војници кои работат на обезбедување мир и безбедност на Косово“, рече Ховениер во интервју за Радио Слободна Европа. . Тој изјави дека американската влада се надева оти Владата на Косово ќе ги земе предвид овие грижи.

Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово и поранешен премиер на Косово, Рамуш Харадинај, одговори на изјавата на амбасадорот Ховенир, кој рече дека оние кои им се закануваат на американските војници се против Косово и ќе бидат третирани како непријатели на Косово.

На најавата на Владата на Косово дека за сообраќај ќе го отвори главниот мост во Митровица остро се спротивставија земјите од Квината, ЕУ и НАТО, наведувајќи дека сега не е време за тоа, и дека таа тема мора да биде дел од дијалогот Косово-Србија во Брисел.

Отворањето на мостот е предвидено со договорот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, кој е потпишан во 2015 година во Брисел. Главниот мост на Ибар, кој неретко беше место на судири на Србите и Албанците, затворен е за сообраќај од завршетокот на војната во Косово во 1999 година и преку него може да се помине само пеш. Во Митровица постојат уште два мостови кои го поврзуваат јужниот дел од градот мнозински населен од Албанци и севериот дел од градот, мнозински населен од српско население, кои се отворени за сообраќај.

AA
Популарни