Премиерот на Косово Албин Курти изјави дека неговите советници и некои од министрите разгледуваат 15 модели за Заедницата на општини со српско мнозинство, кои ги претстави специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот на Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
Одговарајќи на новинарските прашања во текот на вчерашната посета на општина Каменица, рече дека од овие модели на третман на националните малцинства во Европската унија ќе се бараат елементи и за малцинствата во Косово за да бидат на вистинското ниво.
„Моделите кои ги претстави европскиот претставник Лајчак се различни решенија за националните малцинства во земјите на Европската унија. Вкупно се 15, добро познати. Не спомнувам ниту еден да не би го загрозил или заборавил некој од нив. Меѓутоа, во земјите на ЕУ, познато е дека покрај мнозинското население има и малцинства и спомнати се 15 такви случаи, некои понови, некои постари и пред постоењето на ЕУ. Но, верувам дека тоа се модели од кои можеме да земеме елементи со што не само човековите права, туку и правата на националните малцинства ќе бидат на вистинското ниво во нашата земја“, нагласи Курти.
Курти рече дека иако овие модели се испитуваат, во некои аспекти нема да има компромиси.
„Со нив (со моделите) се бават моите советници, некои од министрите, за да се види што е најповолно. Секако, уставноста, законитоста, еднаквоста, функционирањето на државата се нешто со што никогаш и никаде не се прави компромис“, рече Курти.
Курти на 18 март ќе се состане со претседателот на Србија Александар Вучиќ во Охрид, Северна Македонија.
Тој состанок, кој се одржи на покана на високиот претставник на ЕУ Џозеп Борел, ќе биде насочен кон финализација на Анексот за имплементација за ЕУ Договорот за патот на нормализација на односите помеѓу Косово и Србија. Курти и Вучиќ на 27 февруари во Брисел се согласија дека нема потреба за понатамошна расправа за текстот на ЕУ договорот.
Состанок Вучиќ-Лајчак во Белград
Претседателот на Србија Александар Вучиќ вчера го прими специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан Мирослав Лајчак.
Од Службата за соработка со медиумите на претседателот на Србија соопштено е дека разговараа за европскиот предлог, формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО) и други потребни чекори со цел нормализација на односите на Србите и Албанците.
„Претседателот Вучиќ нагласи дека Србија одговорно работи и посветено пристапува кон разговорите со цел постигнување на компромисни и одржливи решенија неопходни за нормален живот и подобра иднина на сите граѓани, со јасно наведени ограничувања“, се наведува во соопштението. Се додава дека Вучиќ повторил дека формирањето на ЗСО е „предуслов за нормализација на односите, како и за безбедноста и заштитата на правата на српскиот народ во Косово.“