„САД го поддржуваат Косово во сите негови евроатлантски аспирации“, рече заменик помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави (САД) кој е и амбасадор за Западен Балкан, Габриел Ескобар по состанокот со премиерот на Косово, Албин Курти.
Курти во заедничкото обраќање до медиумите со Ескобар наведе дека е разговарано за важноста на меѓусебните односи на двете земји, напредокот на Косово, соочувањето со енергетската криза и односите на Косово со Србија.
Тој рече дека Косово преку подготвеноста за состаноци, со волјата за договор и конкретни предлози покажа дека е конструктивна и креативна страна во процесот на дијалогот.
„Подготвени сме и посветени на постигнување на правно обврзувачки договор, за потполна нормализација на односите со меѓусебно признавање во фокусот. Секогаш го поздравуваме интересот и посветеноста на САД во процесот на дијалогот. Со САД сме сојузници во вредностите и партнери во целите“, нагласи Курти.
Тој додаде дека моменталното усогласување на Косово со САД, ЕУ и Обединетото Кралство во санкциите кон Русија и поддршката за Украина, претставуваат „разлика помеѓу Косово и оние кои не се определиле на страната на вистината и правдата“, алудирајќи на Србија.
Специјалниот претставник Ескобар рече дека партнерството на САД со Косово е непоколебливо и нагласи дека САД го поддржуваат Косово во сите негови евроатлантски аспирации.
„Разговаравме за прашањата на односите на Косово со Србија, регионалните импликации на дијалогот Косово-Србија, важноста за продолжување на американската поддршка на вашата независност, суверенитетот и безбедноста и колку е важно да се усогласите со европските вредности во ова тешко време на криза на европскиот континент“, нагласи Ескобар.
Претставникот на САД за Западен Балкан се состана претходно и со претседателката Вјоса Османи, а во текот на денот ќе разговара и со лидерите на партиите на опозициските партии во Косово.