Курти: Со взаемно признавање кон нормализирање на односите со Србија / Photo: AA

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека меѓусебното признавање треба да биде во центарот на нормализирањето на односите меѓу Косово и Србија.

Курти се обрати на вториот Економски форум во Скопје и рече дека Косово е успешна приказна за квалитетна демократија и економски развој, но ја истакна потребата од нормализирање на односите со Србија.

„Мораме да ги нормализираме односите меѓу нашите две земји, и мислам дека нормализацијата на односите може да се направи со взаемно признавање“, рече Курти.

Тој го коментираше и фактот дека следната средба на високо ниво во рамките на дијалогот Косово-Србија ќе се одржи во Скопје, а не во Брисел.

Косовскиот премиер потсети дека Северна Македонија има посебна симболика бидејќи е земја каде што и порано се потпишани важни договори поврзани со Косово.

„Да не заборавиме дека на 9 јуни 1999 година, токму во Куманово беше постигнат договор за капитулација на Југославија на Милошевиќ и за влез на трупите на НАТО во Косово. Затоа мислам дека овие симболични елементи на Северна Македонија беа важни за господинот [Жозеп] Борел што нè покани да дојдеме овде на следниот состанок на високо ниво“, нагласи Курти.

Говорејќи за влијанието на руската агресија врз Украина, тој рече дека Русија, покрај оваа војна, се обидува и да дестабилизира различни региони преку хибридна војна.

Курти истакна дека последиците од војната во Украина се многубројни во Косово, вклучително и инфлацијата и високите цени на енергијата.

Тој, исто така, рече дека населението на Косово до одреден степен повторно поминало низ трауми, гледајќи ги масакрите што се случуваат во Украина, кои, како што нагласи, граѓаните на Косово ги доживеаја за време на војната 1998-1999 година.

Косовскиот премиер истакна дека неговата земја се приклучи на санкциите на САД и ЕУ против Русија, ветувајќи дека ќе прифати до 5.000 украински бегалци.

Осврнувајќи се на регионалните иницијативи, Курти ги поздрави постигнатите договори во рамките на Берлинскиот процес, нагласувајќи дека Парламентот на Косово веќе ги ратификувало овие договори.

Вториот Економски форум во Скопје е во организација на Економскиот форум од Делфи и Грчката бизнис асоцијација, на кој учествуваат високи претставници од политиката, економијата, бизнисот и технологијата од земјата и регионот.

За време на форумот се одржуваат низа панели на кои се разгледуваат различни теми, како руската агресија врз Украина, членството на Балканот во ЕУ, енергетската перспектива во регионот, инвестициите во инфраструктурата како и стратегиите за економски развој и дигитална трансформација.

TRT Balkan / агенции
Популарни